• петок, 20 февруари 2026

Бесплатна вај-фај зона во Дебар Маало

Бесплатна вај-фај зона во Дебар Маало

Скопје, 20 февруари 2026 (МИА) - Општина Центар, во рамките на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна вај-фај зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.

Во согласност со програмата, како што информираат од Општина Центар, набргу се предвидува поставување слободни интернет-зони (вај-фај) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигиталните услуги и до информации на отворено.

Користењето на вај-фај зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.

- Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето слободни интернет-зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани - порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Овие слободни вај-фај зони се наменети за жителите, посетителите и за туристите за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивни дестинации во Скопје. дма/са/


Фото: Општина Центар 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан