• четврток, 25 декември 2025

Белгиската влада усвои нови даночни мерки во обид за намалување на државниот долг

Белгиската влада усвои нови даночни мерки во обид за намалување на државниот долг

Брисел, 25 декември 2025 (МИА) – Белгиската влада на вонредна седница во пресрет на Божик усвои пакет даночни мерки, кои меѓу другото предвидуваат зголемување на ДДВ за повеќе стоки и услуги во текот на 2026 година, со цел намалување на државниот долг на Белгија, кој изнесува 551 милијарди евра.

Мерките кои се предвидени со договорот за буџетот постигнат меѓу владините коалициски партнери минатиот месец, првично требаше да стапат во сила од 1 јануари, но под притисок на синдикатите и на засегнатите бизнис сектори нивната примена е пролонгирана за од 1 март 2026 година.

Со овие мерки, меѓу другото, се предвидува раст на ДДВ од шест на 12 отсто за услуги во спорт, култура и рекреативните активности, за ноќевања во хотели и кампови, како и за храната и пијалаците што се доставува на домашна адреса. Дополнително, ДДВ-то за безалкохолни пијалаци во угостителскиот сектор се намалува од 12 на шест проценти.

Од 1 април 2026 година, пак, ќе биде зголемен и данокот на банкарски услуги од 0,15 на 0,3 отсто и за осигурување од 9,25 на 9,6 проценти. Покрај ова, се зголемува и данок на дивиденда од 15 на 18 отсто и данокот на одбиток на неризденти од 6,5 на 9,8 проценти.

По завршувањето на владината седница вчера доцна попладнето белгискиот министер за финансии Јан Јамбон изјави дека со овој „тежок пакет мерки“, Владата презема значаен чекор кон поголема фискална дисциплина и стабилност.

- Овие одлуки се од клучно значење за стабилизирање на финансиите на земјата и за подобрување на кредибилитетот на нашата фискална политика, што е од суштинско значење во сегашниот нестабилен економски и меѓународен контекст. Ова е во најдобар интерес и на сегашните и на идните генерации, додаде Јамбон.

Според последниот извештај на белгиската Агенцијата за задолжувања, објавен минатиот месец, долгот на Белгија оваа година се зголеми за 32 милијарди евра достигнувајќи 551 милијарди евра, што е на ниво од 106,8 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Со ова Белгија е четврта земја во ЕУ според нивото на државниот долг во однос на БДП, по Грција со 152,5, Италија со 137,9 и Франција со 114,1 отсто.

Вчера усвоените мерки се во рамки на напорите на белгиската Влада за заштеда на 9,2 милијарди и намалување на буџетскиот дефицит во текот на нејзиниот мандат, кој треба да трае до 2029 година. Според последните податоци од минатиот месец, белгискиот буџетски дефицит е на ниво од 5,5 отсто од БДП.

Покрај веќе усвоените мерки, за во наредниот период се предвидува и постепено зголемување на акцизите за природниот гас и маслото за домаќинства, како и намалување на акцизите за електрична енергија.

Дополнително, за од 2027 година се предвидува зголемување на таксата за патниците во воздушниот сообраќај од пет на 10 евра, замрзнување на субвенции за плати за компаниите на овогодишните нивоа, како и повисоки акцизи за бензините и дизел горивото, кои се очекува да генерираат годишен приход од 50 милиони евра. сп/сд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан