• четврток, 19 март 2026

Андоновски: Зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност за сигурна, поврзана и европска дигитална држава

Андоновски: Зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност за сигурна, поврзана и европска дигитална држава

Скопје, 26 февруари 2026 (МИА) – Опрема во вредност од 150 илјади евра, како и советодавна помош и обука на експерти за владиниот тим за одговор на сајбер-инциденти МКД - ЦИРТ обезбедена во рамките на проектот „ЕУ-поддршка за развој на капацитети за сајбер-безбедност во РС Македонија“, беше промовирана денеска во Министерството за дигитална трансформација.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во своето обраќање на промоцијата истакна дека проектот претставува силен пример за тоа како партнерството со Европската Унија носи конкретни резултати за државата преку зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност и унапредување на отпорноста на институциите.

- Нашата цел е јасна - сигурна, поврзана и европска дигитална држава - изјави Андоновски.

Министерството за дигитална трансформација со тоа успешно ја заокружи првата етапа од соработката со Академијата за е-управување (e-Governance Academy – EGA) во рамките на иницијативата EU Support to Western Balkans Cybersecurity Capacity Building, финансирана од Европската Унија.

- Како финална фаза од проектот беше донацијата во опрема со вредност од 149.921 евро, со која се зајакнуваат оперативните капацитети на GOV-CSIRT и се унапредуваат заштитата на државните институции и критичната дигитална инфраструктура. Ова значи побрза детекција на закани, поефикасен одговор на инциденти и поголема отпорност на сајбер-напади. Оваа донација е комплементарна со инвестициите на Министерството од повеќе од 1,5 милион евра во целосно опремување на владиниот ЦИРТ - изјави министерот Андоновски.

Андоновски исто така упати благодарност до Европската Унија за континуираната поддршка, како и до институциите и експертите вклучени во имплементацијата на активностите, при што нагласи дека ваквиот модел на соработка е пример за ефикасен меѓународен проект насочен кон реални и мерливи резултати.

Евроамбасадорот Михалис Рокас во своето обраќање порача дека новите технологии дигитализираа голем дел од нашите секојдневни активности, што сигурно е во наша полза, но ако не сме добро заштитени, дигиталното опкружување и технологиите стануваат подложни на сајбер-напади и штетата може да биде огромна. 

- Европската Унија останува посветена на поддршката на Северна Македонија и Западен Балкан во усогласувањето со стандардите на ЕУ за сајбер-безбедност - изјави Рокас. 

Во рамките на пошироките активности за јакнење на сајбер-отпорноста, како значаен чекор напред во јакнењето на сајбер-отпорноста на земјата беше посочен и тригодишниот проект Cyber Balkans, имплементиран од Академијата за е-управување и финансиран од Европската Унија.

Проектот, како што информира Милан Секулоски, виш експерт во Академијата за е-управување, бил насочен кон унапредување на сајбер-отпорноста во согласност со европските најдобри практики, со фокус на усогласување на законодавството, градење институционални капацитети, оперативна подготвеност и регионална соработка.

- Сајбер-отпорноста не се гради преку ноќ. Таа бара цврсти правни основи, способни институции и континуирана регионална соработка - изјави Секулоски. 

Секулоски посочи дека во изминатите три години тесно соработувале со нашите партнери во Северна Македонија и во Западен Балкан за да обезбедиме реформите да бидат одржливи, усогласени со стандардите на ЕУ и поддржани со реален оперативен капацитет. 

Во рамките на проектот, како што нагласи Секуловски, над 200 македонски експерти успешно го поминале тренингот за сајбер-безбедност.

Како дел од поддршката, како што информираат од Министерството за дигитална трансофрмација, проектот придонел за воспоставување владин Центар за безбедносни операции (GSOC) и тим за одговор на компјутерски инциденти (CIRT), како и за спроведување високо ниво вежби на маса (TTX) за тестирање на моделите на управување и механизмите за координација при инциденти. Дополнително, беа подготвени одржлив план за развој на GOV CIRT и мапирање на опремата, со цел насочување на идните инвестиции и обезбедување долгорочен развој на капацитетите.

Одговарајќи на новинарско прашања за дојавите за бомби во училиштата, Андоновски потсети дека уште минатата година Министерството изготвило протоколи како треба училиштата да одговараат на, како што рече, овие еден вид хибридни напади. 

- Апелирам уште еднаш училиштата да престанат да користат приватни имејл-адреси за комуникација со граѓани, со своите ученици, родителите и помеѓу себе. Ако користат државни имејл-адреси и државни контакт-форми, ние тие можеме да ги штитиме од ваков вид хибридни напади и МВР тоа активно го прави, а го прави и МОН. Кога користите приватна имејл-адреса, тогаш немаме начини како да ги заштитиме од ваков вид комуникација, која сака да создаде страв и паника - изјави Андоновски. 

Андовноски исто така нагласи дека мора да имаме дисциплиниран однос од страна на сите учесници. 

- Сајбер-безбедноста е токму тоа. Ако еден не внимава, не може сите да се потрудат да го штитат. Ако вие ги споделувате своите лични информации, имејл-адреси и лозинки каде што ќе стасате, не постои институција што може да ве заштити - изјави Андоновски.  аа/са/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан