• понеделник, 15 април 2024

Преку социо-економскиот дијалог до подобар развој на Куманово, недостигаат работници, ќе се бараат и од Филипини

Преку социо-економскиот дијалог до подобар развој на Куманово, недостигаат работници, ќе се бараат и од Филипини
Куманово, 2 април 2023 (МИА) - Социо-економскиот дијалог ќе придонесе да се развие Куманово, сметаат претставниците на локалниот економско-социјален совет од градот. Телото функционира како консултативно и советодавно, а членуваат претставници од Општина Куманово, организација на работодавци, Сојузот на синдикати, Агенција за вработување на Република Северна Македонија – Центар за вработување Куманово, ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи, како и здруженија на граѓани.
 
 
Остварувајќи ја својата советодавна и консултативна функција и постигнувајќи социјален консензус, ЛЕСС Куманово ќе придонесе за создавање можности за креирање на економски социјални политики кои ќе нудат подобра перспектива за сите, креирање нови работни места, посебно во делот на вработувањето кај младите лица, идентификување на потребите на пазарот на трудот помеѓу приватниот и јавниот сектор, утврдување и правење на соодветни анализи за потребите на образованието, динамика на преквалификација и доквалификација за работници кои ги изгубиле работните места.
 

Претседателката на советот на општината, Ивана Ѓорѓиевска за МИА вели дека ЛЕСС во Куманово функционира суштински и Куманово е една од ретките општини каде се формираат тела, се повикуваат институции, установи, здруженија, преку трипартитниот договор.

- ЛЕСС се покажа како добро тело во ковид пандемијата, почна да функционира суштински. Во ЛЕСС има нова енергија, застапени се луѓе од различни профили, од бизнис заедницата, синдикатите, општината. Она што се наметна како потреба е формирањето на комисија за локален економски развој зашто нам ни е најважен локалниот развој. Потпишавме и декларацијата со платформата за женско претприемништво и наша обврска е да направиме и платформа на локално ниво. По сугестијата на ЛЕСС направена е иницијална средба со платформата и во тек е избор на жени, докажани претприемачки кои ќе учествуваат во комисијата која во останатите општини се формира од советниците, кај нас ќе има и претставници од советот меѓутоа акцент ќе се стави на бизнис заедницата која суштински е вклучена во креирањето на економски политики, вели Ѓорѓиевска.

Според анализата ЛЕСС треба да ја олесни комуникацијата помеѓу локалната самоуправа и локалниот бизнис сектор, да иницира изработка на стратешки развојни документи, на релевантен локален еколошки акциски план (ЛЕАП), преку кој ќе испрати прецизни информации до потенцијалните инвеститори за третманот на животната средина во Куманово. Телото треба да поттикне ревидирање на наставните планови и програми во средните стручни училишта на територија на општината согласно барањата на бизнис секторот, да ги афирмира можностите што ги обезбедува зелената економија како тренд во деловниот свет што е во согласност со стратешките определби на ЕУ.

Во моментов актуелен проблем за кумановската бизнис заедница е недостигот на работна сила. Речиси и да нема сектор кој нема недостиг на работници на ниво на државата, вклучително и Куманово.

- Добар пример е енергетската криза, нејзиното решавање поставувањето на фотоволтаици. Веднаш беа свикани состаноци, одржани трибини, средби, на која претставници од бизнис заедницата ги споделија своите искуства не само пред нивните колеги, туку и пред јавноста, школите, градинките установите, добар пример како алармираат и функционира ова тело. Сега се јавува потреба да се анализира состојбата со работници за одредени гранки веќе алармираат дека нема доволен број работници, вели Ѓорѓиевска за МИА.

Контактите со институциите остануваат со Центарот за вработување, за социјални работи, со училиштата со кои претставниците на ЛЕСС разговараат за доквалификација, за мерките кои се нудат, субвенции за бизнисите, кои според претседателот на телото, Најден Бајдевски, не се мали. Целта е овие информации да бидат достапни за сите компании, за оние со помал број вработени и големите.

- Постојани се средбите со бизнис заедницата, нешто што недостига во овој период се работници. Потребни ни се регистри за станбени простори кои би можеле да приберат работници. Веќе сме во контакти со агенции за вработувања во други држави, конкретно Филипини. Она што сакаме да го направиме за младите е да креираме нова вредност за да останат во татковината. Како советодавно тело нудиме поддршка во однос на институциите кои се надлежни за потребите на ранливите, да се насочат, да користат одредена помош, оние кои се заинтересирани да се вработат, вели Бајдевски за МИА.

Тој додава дека не се забораваат ниту социјално ранливите, потребни се работници насекаде и не изостанува поддршката за нив. Претседателот на ЛЕСС потсетува дека за време на ковид кризата кога Куманово беше најпогодено, токму преку ЛЕСС се собраа 6.000 пакети за сиромашни семејства. Членка на ЛЕСС е социјалниот совет неодамна формиран во општината со специфична програма наменета за општината и заедно со нив се утврдуваат приоритетите за социјално загрозените лица.

- Затоа ја донесовме стратегијата за наредните пет години. Мора да истакнеме за време на економска и енергетска криза успеваме и инициравме инфосесии со бизнис заедницата, по што беа поставени фотоволтаични панели поставија 80 фирми, вели Бајдевски.

Во рамки на локалниот економско социјален совет, се формираше и Комисијата за локален економски развој. Бизнис заедницата преку комисијата ќе разговара за енергетиката, користењето на обновливи извори на енергија за намалување на трошоци при производство, за мерките кои се достапни за намалување на трошоци при инвестирање и производство како ИПАРД, различни програми за развој.

- Насоката на комисијата е развивање на економијата, на производството. Бизнис заедницата зборуваа за предизвиците со кои се соочуваа во различни циклуси производството, во трговијата, занаетчиството, туризмот и други работи. Произлегуваат повеќе идеи и во идниот период ќе бидат предмет на решавање, со цел да се постигне поголем економски развој. Драго ми е што во локално патриотски дух за развој и почитување на средината во која живееме почнавме да работиме и се надевам дека ќе останеме во таа насока. Тука сме да понудиме решенија. На располагање имаме доста фондови, значајни грантови кои вреди да ги искористиме. Има наши стопанственици кои ги користат грантовите и развојот е има забележлив, изјави за МИА претседателот на комисијата, Бранко Зафировски.

Во насока на заштита на малите и средни претпријатија, на средбата претставниците дискутираат за апликација на финансиски средства од различни фондови кои нудат поволни услови, навремена информација за инспекциска контрола и формирање на тим од стручни лица кој ќе ги лоцира и решава проблемите на стопанствениците, во координација со надлежните институции и КЛЕР – Куманово.

- Сите доаѓаат со своја приказна, собрани се луѓе од различни бизнис со различни искуства, а целта е да се креира политика, движење на работите како до подобар производ, поголема заштеда, како да се воведе автоматизација на процесите. Поволности кои можат да се искористат за земјоделство, туризмот, ИПАРД, финансиска поддршка има многу програми фонд за иновации кои се достапни кредити со повластени каматни стапки, сега е актуелно за земјоделство и за примарно производство на земјоделски производи со еден процент каматна стапка, вели Зафировски.

Тој уверува дека преку ЛЕСС бизнис заедницата може да се едуцира и информира за финансиите за начинот на добро распоредени средства, за користење грантови.

- Така ќе успее нашето стопанство кога ќе биде силно и градот ќе ни биде силен. Во план е нашите екипи работат во овој дел за жал имаме и немаме доволно информиран компании, знаат по некоја програма, а постојат многу. Можеби и криза но е добар период на инветсирање од аспект на многубројни грантовски линии во државава. Располжени сме да допреме до кој било и добредојдени се сите за помош за комплетна документација, со експерти членки на ЛЕСС, вели Зафировски.

За претставниците на ЛЕСС особено е значајно што Куманово е најгоема општина во државата со извонредна местоположба на крстосница помеѓу двата коридори 8 и 10 и како пограничен град во близина на најголемиот граничен премин во државата Табановце има поголема шанса за отварање и успешен развој.

Александра Максимовска

Фото: МИА и општина Куманово

Остани поврзан