• четврток, 26 декември 2024

Во Парламентот во Велика Британија образложен нов рестриктивен закон за пушење, целосна забрана за малолетници

Во Парламентот во Велика Британија образложен нов рестриктивен закон за пушење, целосна забрана за малолетници

Лондон, 5 ноември 2024 (МИА) - Предлог-законот чија цел е на британските малолетни лица да им се забрани било кога легално да можат да пушат, денеска е образложен во Парламентот.

Законот за тутун и електронски цигари, исто така, ќе забрани пушење и во некои отворени простории, како што се игралишта и влезови во училишта и болници.

Но, предложената забрана за пушење во дворови на пивници е отфрлена, по противењето на сопствениците на баровите.

Министерот за здравство Вес Стритинг рече дека угостителската индустрија претрпе удар во изминатите неколку години и дека не е вистинско време да се забрани пушењето во дворовите на пивниците.

Нацрт-законот, исто така, предлага да се ограничат вкусовите на електронските цигари и да се забрани светлата амбалажа наменета за деца, за да се сузбие „циничната индустрија која настојуваше новата генерација деца да станат зависни од никотин“, рече Стритинг.

Продолжува и планот на претходната влада секоја година да се зголемува минималната старосна граница за купување тутун за по една година.

Во моментов е незаконски да се продаваат цигари или електронски цигари на луѓе помлади од 18 години.

Законот најверојатно ќе биде усвоен бидејќи Лабуристичката партија, која го иницираше законот, има мнозинство во Парламентот.

Бројот на луѓе кои пушат во Велика Британија е намален за две третини од 1970-тите, но околу 6,4 милиони луѓе, или 13 отсто од населението, се уште пушат. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан