Убедлива победа на владејачката Демократска партија на регионалните избори во Јужна Кореја
- Владејачката Демократска партија оствари убедлива победа на регионалните избори во Јужна Кореја, освојувајќи најголем број гласови во 12 од 16-те региони во земјата, покажуваат резултатите објавени од Националната изборна комисија.
Сеул, 4 јуни (МИА) - Владејачката Демократска партија оствари убедлива победа на регионалните избори во Јужна Кореја, освојувајќи најголем број гласови во 12 од 16-те региони во земјата, покажуваат резултатите објавени од Националната изборна комисија.
Конзервативната опозициска Народна партија победи во преостанатите четири региони, меѓу кои и главниот град Сеул, каде градоначалникот О Се-хун обезбеди нов мандат.
Резултатите претставуваат значителен пресврт во однос на регионалните избори во 2022 година, кога конзервативците освоија 12 региони.
Гласањето се сметаше за тест на поддршката за претседателот Ли Џе-мјунг, кој е на власт околу една година. Според оценките, тој и натаму ужива релативно силна јавна поддршка, додека конзервативниот блок се уште се соочува со последиците од политичката криза предизвикана во 2024 година од поранешниот претседател Јун Сук-јеол.
На гласање излегле 61 отсто од граѓаните, што е релативно високо ниво на излезност за регионални избори. Процесот на гласање имал одредени логистички проблеми откако на некои избирачки места привремено имало недостиг од гласачки ливчиња.
Опозициската партија побара прекин на пребројувањето и повторување на изборите, а пред седиштето на изборната комисија и на повеќе избирачки места во Сеул имаше и протести. аб/јт
Фото: ДПА