• четврток, 26 март 2026

Павел: Чешка не треба да очекува помош од НАТО, бидејќи сама исполнува само половина од своите обврски

Павел: Чешка не треба да очекува помош од НАТО, бидејќи сама исполнува само половина од своите обврски

Прага, 5 март 2026 (МИА) - Претседателот на Чешка, Петр Павел денеска на конференција „Нашата безбедност не се подразбира“ во Прага предупреди дека Чешка нема да може да очекува нејзините сојузници од НАТО колективно да ѝ помогнат во случај на потреба ако самата исполни само половина од своите обврски.

„Како можеме да очекуваме останатите сојузници да постапат според Член 5 за колективна одбрана кога ние самите го исполнуваме нашиот дел од одговорноста за помалку од 50 проценти. Темпото на развој на армијата и зајакнувањето на борбената готовност на долг рок не одговара на реалноста во која живееме“, предупреди чешкиот претседател во врска со одлуката на новата чешка влада да ги намали средствата за одбрана во буџетот под минимумот од два проценти од БДП.

Во врска со изјавата на чешкиот премиер Андреј Бабиш овие денови дека Чешка сигурно не го следи договорениот пат за издвојување на 3,5 проценти од БДП до 2030 година, претседателот Павел денеска предупреди дека фактот што Чешка е дел од колективната одбрана е еден од најголемите придонеси за безбедноста на Чесите, но дека и Чешка мора да ги исполни своите обврски.

Премиерот Бабиш, како одговор на критиките дека ќе предизвика незадоволство кај САД и американскиот претседател Доналд Трамп и следствено на тоа ризик дека САД нема да дадат помош на Чешка, рече дека ќе се обиде да им објасни на американските претставници дека во моментов нема пари во буџетот, наводно поради расипништвото на претходната влада и дека ова намалување на средствата е само привремено - за оваа година. 

„Безбедносните промени се случуваат многу побрзо во светот денес. Секое понатамошно одложување значи повисоки трошоци во иднина. Наша одговорност е да дејствуваме навремено дури и кога не е пријатно и кога е непопуларно. Подготовките се прават пред криза, а не под нејзин притисок. Сè поагресивната Русија нè означува како непријател веќе долго време и веќе е во конфликт со нас, иако не воено“, рече Павел. рп/јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан