Министерството за култура ги прифати предлозите за вклученост на лицата со попреченост во новата Национална стратегија за развој на културата
- Министерството за култура и туризам, според Јовановска, ги прифати клучните предлози и ги интегрираше во официјалната Национална стратегија и Акцискиот план, со што првпат системски се решава прашањето за пристапноста и активното учество на лицата со попреченост во културниот живот.
Скопје, 12 мај 2026 (МИА) - На последната јавна расправа за Националната стратегија за развој на културата 2026 - 2030 и Акцискиот план, официјално беа претставени и дел од мерките за инклузија и пристапност предложени од страна на претставничката на „Абилитист (Abilitist)“, Елизабета Јовановска - експерт за пристапност и добитничка на светска награда за иновативни решенија за отстранување на бариерите за лицата со попреченост.
Министерството за култура и туризам, според Јовановска, ги прифати клучните предлози и ги интегрираше во официјалната Национална стратегија и Акцискиот план, со што првпат системски се решава прашањето за пристапноста и активното учество на лицата со попреченост во културниот живот. Примената, усвојувањето и спроведувањето, рече, е во согласност со насоките и начелата на Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост.
- Сакам да се заблагодарам на министерот Љутков и целиот тим на Министерството затоа што ги прифатија нашите предлози за инклузивност во културата. На светско ниво има 16 отсто лица со попреченост, а скоро толкава е и бројката во Македонија. Тоа значи дека околу 200.000 лица во моментот се оневозможени да посетуваат театар, кино, изложба или културен настан поради непристапноста. Имплементацијата на нашите предлози е потребна, затоа што културата не нè разединува - туку нè обединува. Доколку сите предлози се имплементираат, Министерството за култура ќе биде првото министерство коешто ќе направи системски промени за еднаков пристап на сите граѓани - истакна Јовановска на јавната расправа.
Примената, вели, ќе значи и отворање на цел еден нов правец - „инклузивна уметност (Inclusive Art)“, којшто во светот веќе постои и што ќе овозможи меѓународни размени, поконкурентни и поиновативни проекти.

Како што Јовановска изјави за МИА, меѓу прифатените предлози се: интеграција на лицата со попреченост како активни креатори и учесници во културата, развој на инклузивни културни програми, поставување пристапни рампи и сигнализација, воведување алатки за следење на културни содржини, поддршка за програми и проекти на лица со попреченост, меѓународни размени и практики на „инклузивната уметност“, како и вклучување на инклузијата како составен дел од културниот туризам.
- Преку инклузивниот дел ќе бидат поддржани уметници со попреченост, пристапни изложби, театарски претстави, фестивали, музички настани, културни тури и дигитални содржини достапни за сите граѓани - додаде таа.
Од „Абилитист“ посочуваат дека ова претставува „историски чекор за културниот сектор во Македонија“ и основа за создавање на современ, европски и инклузивен културен систем во којшто лицата со попреченост ќе имаат еднаков пристап, нема да бидат само публика, туку и активни создавачи на културниот живот. си/са/
Фото: МИА архива; Елизабета Јовановска.