• среда, 20 ноември 2024

EK презема мерки за спречување на злоупотребата на вештачката интелигенција за манипулации со гласачите

EK презема мерки за спречување на злоупотребата на вештачката интелигенција за манипулации со гласачите

Брисел, 15 март 2024 (МИА) - Европската комисија испрати барања за информации за генеративните ризици од вештачката интелигенција до Бинг, Гугл Срч, Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок, ЈуТјуб и Икс, кои согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) лани беа прогласени „многу големи онлајн платформи“. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Еврокомисијата бара овие сајтови и социјални мрежи да и достават дополнителни информации за мерките што ги преземаат за ублажување на ризиците поврзани со вештачка интелигенција, како што се ширење на лажни информации и манипулации што може да ги доведат гласачите во заблуда. 

Комисијата бара и информации за проценките за ризикот и мерките за ублажување на влијанието на вештачката интелигенција врз изборните процеси, ширењето на илегални содржини, заштитата на основните права, родово базираното насилство и заштитата на малолетниците, менталната благосостојба, личните податоци, потрошувачите и интелектуалната сопственост.  

Платформите најдоцна до 5 април до Комисијата мора да ги достават бараните информации за прашања поврзани со заштитата на изборните процеси, а до 26 април и за останатите прашања. 

Доставувањето барање за информации е чин кој не прејудицира потенцијални понатамошни постапки што Комисијата би можела да ги преземе, а нејзините следни чекори ќе зависат од оценката на добиените одговори. Доколку процени дека доставените информации се невистинити, нецелосни или погрешни, ЕК може да им изрече казни на платформите. Во случај, пак, тие да не одговорат на барањето до крајниот рок, Комисијата, исто така, може да одлучи да им изрече казни. 

Европската комисија во нејзините Нацрт-упатства за интегритетот на изборите ја идентификувани вештачка интелигенција како еден од ризиците за изборните процеси.  

Дополнително, ЕК до ЛинкедИн, која исто така согласно Законот за дигитални услуги има статус на многу голема онлајн платформа, испрати официјално барање за информации за потенцијално насочено рекламирање врз основа на личните податоци на корисниците, како што се сексуална ориентација, политички мислења или раса. 

Комисијата бара детали за тоа дали онлајн платформата ја почитува забраната за емитување на реклами врз основа на профилирање базирано на одредени лични податоци, како и дали ги исполнува барањата за транспарентност на рекламите што им се прикажуваат на нејзините корисници. 

ЛинкедИн мора да ги достави бараните информации најдоцна до 5 април, па врз основа на нив Комисијата ќе ги процени следните чекори. 

Откако лани во април врз основа на Законот за дигитални услуги, ЕК прогласи 19 веб страници, пребарувачи и социјални мрежи за „многу големи онлајн платформи“, тие се обврзани да се придржуваат кон цел сет на одредби и прописи, вклучително и отстранување на илегални содржини, како детска порнографија, терористичка пропаганда, дезинформации и лажни вести, како и спречување на онлајн малтретирање и продажба на фалсификувани луксузни марки и опасни играчки за деца. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан