• понеделник, 23 декември 2024

Кај нас се чека на „квоти“ за поголемо учество на жените на високи одлучувачки функции, состојбата во регионот подобра

Кај нас се чека на „квоти“ за поголемо учество на жените на високи одлучувачки функции, состојбата во регионот подобра

Скопје, 14 јануари 2024 (МИА) -  Од 20 члена на Владата, само пет министерства ги водат жени, а на последните локални избори одржани во октомври 2021 година, од вкупно 80 општини и Градот Скопје, само две жени беа избрани за градоначалнички - Данела Арсовска во Скопје и Жаклина Јовановска во Старо Нагоричане.

Во Собранието на Северна Македонија, пак, бројот на жени стабилно се зголемува. Така, од 120 пратеници, 51 се жени или 42 проценти. Иако и понатаму останува да се изоди долг пат за да се постигне еднаква застапеност во националниот законодавен дом, политичкиот пејсаж во Собранието е сменет, додека во Владата и во општините, застапеноста на жените е многу полоша. 

Политичарките кои ги контактираше МИА сметаат дека „квотите“ се единствениот механизам за поголемо учество на жените во извршната и локалната власт и дека потребна е широка политичка волја и општествен консензус за поголемо учество на жените на високи одлучувачки функции.

Согласно член 64 од Изборниот законик, „во сите поднесени кандидатски листи за пратеници и за членови на совет на општината и градот Скопје, најмалку 40 проценти од кандидатите му припаѓаат на помалку застапениот пол, и тоа: на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места“.

Македонското женско лоби од 2006 година иницира промени со кои бара претставување на жените и во извршната и во локалната власт. На потег се партиите, кои треба да ги изгласат Предлог-измените на Изборниот законик подготвени од работната група формирана од Министерството за правда и кои се доставени до Собранието. 

Од Министерството за правда за МИА информираа дека во измените на Изборниот законик во членот 64 се додава нов став 6 кој гласи: „Во поднесените листи на кандидати за градоначалник од ист подносител најмалку 30 проценти од кандидатите за градоначалници му припаѓаат на помалку застапениот пол".

-Во членот 19 се предлага дополнување на членот 64 со нов став (6) во насока на усогласување на препораката од ОДИХР која гласи „Политичките партии и релевантните државни и јавни институции треба да преземат понатамошни чекори за да го охрабрат учеството на жените во изборниот процес и во политичкото одлучување, посочуват од Министерството за правда.

Пратеничките кои ги контактираше МИА потенцираат дека како Клуб на пратенички бараат да се воведат квоти и во Законот за Влада за да се обезбедат повеќе министерски места за жените. Тие посочуваат дека најверојатно не постои политичка волја кај партиите за ова прашање. Политичарките потенцираат дека треба да се воведе ЗИППЕР систем, каде на наизменичен распоред на листите жена-маж или маж-жена за, како што велат, се постигне попропорцијална и пофер застапеност на сите.

Квотите - единствен механизам со кој се обезбедува поголемо учество на жените

Политичарките во изјава за МИА велат дека за поголемо учество на жените на високи одлучувачки функции потребно е широка политичка волја и општествен консензус.

Според претседателката и пратеничка на ДОМ, Маја Морачанин, по се изгледа дека квотите се единствениот механизам со кој практично се обезбедува поголемо учество на жените во политиката.

-Затоа, ние и како Клуб на пратенички сме зборувале на оваа тема и сакаме да се воведат квоти и во Законот за Влада за да имаме повеќе министерки. Исто така, потребно е да се направат и законски измени во смисла на тоа да се обезбедат квоти и за градоначалнички. Но, тоа остана само како една дискусија или заложба на Клубот, што не се преточи во некој предлог-закон со кој тоа би можело да се реализира. Најверојатно нема баш голема политичка волја кај партиите, вели Морачанин за МИА.

Потенцира дека заедно со други пратенички поднеле два предлога за измена на Изборниот законик. Првата измена, како што вели, се однесува за една изборна единица, а другата на отворени листи со која предлагаат и воведување 50 проценти кандидирање на жени на листите за парламентарите и за локалните избори за советите на општините.

- Бараме сегашната квота од 40 да се зголеми на 50 проценти, по моделот Патент - маж жена, жена маж наизменично на листите и на тој начин ќе се обезбеди поголем број на жени и во Собранието и во советите. Но, и тој предлог-закон не помина. Нема политичка волја за такво нешто. И Клубот на пртанички имавме пленарна седница првпат посветена на родовата еднаквост на 8 Март и донесовме заклучоци за зголемено учество на жените во политиката, дури зборувавме и за тоа како заклучок да се усвои Законот за родова еднаквост, но и тој закон се заборави. Таков Предлог-закон не е доставен до Собранието. Жалам што нема поголема политичка волја кај сите политички партии за унапредување на родовата еднаквост, за поголема застапеност на жените во политиката и тоа особено на овие клучни одлучувачки позиции како што се Владата и градоначалниците, вели таа.

Флоренс Гану, меѓународна консултантка за родови прашања на настан во Собранието истакна дека е нужна цврста политичка волја за да може, како што рече, да се скрши тој свод за жените да можат да имаат пристап до лидерските позиции. Таа упати апел до политичките партии да ја разгледаат можноста да се воведат најпрво интерни квоти за да се зголеми бројот на жени на извршните позиции на сите нивоа на партиската структура.

-Јасно е дека некои партии имаат интерна заложба до 50, односно до 30 отсто. Ако земеме глобално, оваа граница никогаш или ретко надминува 30 отсто. Од тие причини, мислиме дека многу е важно да се надминат самите бројки и да им се даде на жените просторот којшто го заслужуваат во рамки на политичките партии. Постои потреба од сите засегнати страни – политичките партии и граѓанското општество, да имаат посветени стратегии да се дофатат жените во руралните подрачја, за да се зголеми видливоста на жените. Тоа што треба да биде потфат е обврска да се зголеми видливоста и прифатливоста во тие локални подрачја за луѓето да можат да се навикнат на тоа да ги гледаат жените во улога на лидери и лица кои носат одлуки, рече таа.

Гану вели дека политичарките со помош на мрежите на граѓанското општество треба да размислат за подготовка на Стратегија базирана на емпатија, да се потенцира позитивното и поддржувачкото пишување пораки. 

-Јавната изложеност е главната пречка за жените да бидат дел од политиката, затоа што излегувајќи во јавниот живот како политичар за тоа се плаќа многу висока цена, особено ако сте жена. Знаеме дека има национална законска рамка во однос на тоа прашање, односно кое што го таргетира говорот на омраза која се наоѓа во повеќе различни закони. Ако сакаме да имаме владеење на правото, мора да се спроведе правото, инаку ќе биде анархија. Мора да се зголемат начините и средствата за поголемо спроведување на законите и поголема одговорност кај политичките партии, вели таа.

Според пратеничката на СДСМ и претседателка на Клубот на пратенички Лолита Ристова, сите се согласни дека треба да се моделира начин на кој ќе се предложи зголемување на застапеноста на жените во Собранието 50 проценти со 50 проценти, да се предложат измени на Законот за Владата во насока на вградување квоти за повеќе жени во извршната власт и да се покрене иницијатива за зголемување на бројот на жени градоначалнички во локалната власт. Сепак, како што вели, за да се реализира тоа, потребна е широка политичка волја и општествен консензус.

Потенцира дека нивните напори се насочени кон тоа, напредокот да го постигнат првенствено во политичките партии од каде што доаѓаат, а потоа и преку предлагање на законски решенија.

-За време на првата пленарна седница за унапредување на родовите прашања што се одржа на 8 март годинава, како Клуб на пратенички изгласавме повеќе заклучоци. Во правец на зголемување на квотите нашите заклучоци беа: Измена и дополнување на Изборниот законик во правец на постигнување на целосна родова еднаквост на листите за пратеници и советници;  Измена и дополнување на Законот за Влада преку воведување на најмалку 40 отсто жени во извршната власт; Измена и дополнување на Изборниот законик и воведување на квота 30 отсто од помалку застапениот пол за избор на градоначалници. СДСМ како партија од која и јас лично доаѓам е првата партија која го воведе 50-50 принципот на пратеничките листи, прва што настапи со носители и коносители на листи и во сите партиски органи е пресликан тој принцип, посочува Ристова.

Според потпретседателката и пратеничка на Алтернатива, Сафије Садики Шаини, подобро е учеството на жените во политиката да беше еднакво со учеството на мажите.

-Вредноста на квотите често е предмет на дебата и зависи од политичкиот и социјалниот контекст на земјата. Квотите треба да ги предизвикуваат родовите стереотипи и предрасуди, создавајќи поинклузивна и праведна средина за жените во политиката. Сепак, нивната вредност многу зависи од тоа како се спроведуваат и како се прифатени од општеството и политичките чинители во пракса. Поради други причини поврзани со дискриминацијата на жените, квотите помогнале да се распределат правата и одговорностите помеѓу различните полови. Ова е резултат на зголемената свест за потребата од родова еднаквост и активното вклучување на жените во политиката и одлучувањето, вели Садики Шаини.

Иљире Даути, потпретседателка и пратеничка на Алијансата за Албанците, смета дека напорите на сите политички партии треба да бидат насочени кон намалување на родовиот јаз при вработувањето како предуслов за подобрување и на родовиот јаз во застапеноста на високите државни функции. 

- Во делот на образованието, како општество можеме да кажеме дека се движеме напред затоа што бројот на образовани жени со високо образование е многу поголем од оној на мажите. Но, загрижувачки останува фактот дека иако жените сочинуваат повеќе од половина од работоспособното население според ДЗС на Северна Македонија, од 1500.000, 770.000 се жени, во категоријата на активното население, односно, на оние кои бараат работа, сè помалку од мажите (односно, од вкупно 770 000 само 326 000) бараат работа, додека повеќе се во категоријата на пасивно население, односно оние кои не бараат работа. Секоја жена која не е на пазарот на труд од почеток е исклучена од можноста да биде една од жените носители на одредени функции кои произлегуваат како резултат на политичкиот ангажман, вели Даути во изјава за МИА. 

Таа вели како политичка партија подготвуваат Предлог-закон за правична и соодветна застапеност, со кој, како што вели, ќе се утврди механизм за да се постигне пропорционално вработување во јавниот сектор.

- За да го дадеме нашиот придонес како политички субјект во намалување и избегнување на создавање на граници и ограничувања кои доаѓаат како последица на различности, без разлика дали се полови или други разлики, Алијансата за Албанците подготвува Предлог-закон за правична и соодветна застапеност, со кој ќе утврдиме механизми за да се постигне пропорционално вработување во јавниот сектор кое ќе важи не само за заедниците, туку и за родовата застапеност и за лицата со посебни потреби и други категории со цел да се постигне повеќедимензионална еднаквост, вели Даути.

Независната пратеничка и претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Гордана Силјановска Давкова смета дека е добро да има внатрешни квоти во извршните органи.

-Добро е да има внатрешни квоти во извршните органи. Добро е да има секаде, бидејќи кај нас, партиите не само што се мост меѓу граѓаните и државата, туку се клучен кадровски фактор дури и за функции за кои што мора да има стручност и компетентност. Трендот е и внатре да има надзорен механизам, но исто така и во текот на изборниот процес, рече Силјановска-Давкова на настан во Собранието.

Извршната директорка на Македонското женско лоби, Даниела Димитриевска во изјава за МИА нагласува дека за локалните избори ќе барат законски начин да се зголеми бројот на жени  градоначалнички. За министерските места, како што вели Димитриевска, треба целата јавност да врши притисок врз политичките партии.

-Ја поддржуваме иницијативата да се зачува оваа бројка за Парламентот, да не може на изборните листи да проаѓаат листи каде не се почитува законот. Ја промовираме идеја 50-50. И за локалните избори ќе бараме законски начин да се зголеми бројот на жени на градоначалнички позиции. За во Владата, треба целата јавност да ја организираме да направи притисок врз политичките партии. Ние сакаме партиите барем 30 отсто од жените што ги имаат во своите партии да ги кандидираат на избори за градоначалници, рече Димитриевска.

Флоренс Гану, меѓународната консултантка за родови прашања смета дека потребно е да се воведе ЗИППЕР системот – наизменичен распоред на листите жена-маж или обратно за пофер застапеност.

-Препораката што е веќе 20 години стара од Советот на Европа е воведување на ЗИППЕР систем каде имаме маж-жена, жена-маж на листите. Да се воведе тој ЗИППЕР систем, вертикален паритет, да има наизменично маж и жена и ќе се постигне попропорцијална и пофер застапеност и тоа ќе биде усогласено со политичките заложби на земјата, вели таа.

И пратеничката Силјановска Давкова се согласува дека за поголема застапеност на жените на повисоките функции идеален би бил ЗИППЕР системот.

-Идеален би бил ЗИППЕР системот. Тоа го докажа Франција со сопственото искуство. Најважното е не само да се зголеми бројот на жените во Парламентот, туку да се зголеми статусот на жените во Парламентот, почнувајќи од претседател, потпретседател на Собранието, претседателки на комисии и сите други тела. Тогаш пораката до жените надвор и идентификацијата со нас ќе биде поинаква. Повеќе жени значи подобра идентификација, помалку страв и поголема спремност за влез во политиката. Ние немаме друг избор, освен да внесеме квоти и во Владата и во другите институции. Еве да пробаме. Ќе видите дека само ќе видиме повеќе енергија, повеќе знаење, повеќе посветеност. Тоа се гледа и во Собранието. Стравот е од конкуренцијата и мислам дека треба да се избориме, рече таа.

Исто така, и Македонското женско лоби се залага за воведување на ЗИППЕР системот.

-Кандидирањето е најтешка работа. Политичките партии иако имаат 40-50 отсто жени во својата структура, но не ги кандидираат сразмерно. Ние се залагаме тоа да биде ЗИППЕР системот, т.е. една жена- еден маж, вели Димитриевска.

Во регионот застапеноста на жените на одлучувачки функции многу подобра

За разлика од нашата држава, каде од 20 члена на Владата, само пет министерства ја добиле довербата да ги раководат жени, состојбата во дел од земјите од регионот е многу подобра.

Во Албанија, од 16 члена на Владата, 6 се мажи, а 10 жени. Во Косово, на чело на државата е жена, а од 17 члена на Владата,  11 се мажи, а 6 се жени. Србија моментално има жена премиер, а во состав на Владата од вкупно 28 члена, 18 се мажи, а 10 се жени. Во Хрватска, од 17 члена на Владата, 13 се мажи, а само 4 се жени.

Фатиме Фазљији

Фото: Фросина Насковиќ/ МИА Архива/ Приватна архива на соговорничките

Остани поврзан