„Ролан Гарос“: Прекината конференцијата на Ѓоковиќ
- Одговарајќи на прашање, Ѓоковиќ истакна дека не е фер што организаторите исфрлија неколку тенисери, вклучувајќи го и Дамир Џумхур од Босна и Херцеговина, без дозвола да направи уште еден тест
Париз, 28 септември 2020 (МИА) - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја одржа својата најкратка прес-конференција на Гренд-слем турнир во престолнината на Франција, бидејќи организаторите нагло ја прекинаа.
Одговарајќи на прашање, Ѓоковиќ истакна дека не е фер што организаторите исфрлија неколку тенисери, вклучувајќи го и Дамир Џумхур од Босна и Херцеговина, без дозвола да направи уште еден тест за вирусот Ковид-19.
- Навистина е тажно што некои играчи се дисквалификувани од главниот дел на турнирот и од квалификациите. Ако играч бил позитивен двапати, секако дека треба да биде елиминиран, но ако тоа е „лажно позитивен“ резултат, треба да му се дозволи да игра. Едноставно, по првиот позитивен тест, играчот треба да биде ставен во 24-часовна изолација и по вториот тест да се донесе одлука. Сето ова е малку збунувачко за нас, на некои турнири оваа година ова е пракса, а во некои не, рече тој.
Србинот потоа рече дека има „многу докази дека имало лажни позитивни резултати, но не само во тенисот“.
- Ова се работи на кои не можам да влијаам. Јас можам само да се обидам да играм добро, дека ќе бидам негативен на тестот, и ако не биде негативен ... Што ќе направам, треба да го прифатам тоа. Навистина е тажно што некои играчи се дисквалификувани токму така. Сè е малку збунувачко за нас. На самите организатори не им е лесно да се справат со толку многу тестирања и има многу докази дека имало лажни позитивни резултати, не само во тенисот, туку и генерално, рече Новак, пренесува српскиот портал Нова С.
После тоа прашање, шефот на печатот одлучи да ја прекине прес-конференцијата, но сепак дозволи едно „безопасно прашање“.
Еден од присутните новинари праша дали Ѓоковиќ може да го освои турнирот, односно дали ова е неговата година.
- Знаете, во мојата земја се вели: „Од твоја уста во Божји уши“. Се надевам дека она што го рековте ќе се оствари. Толку време сонував за титулата на „Ролан Гарос“, изгубив три финалиња пред да го освојам трофејот во 2016 година, што беше еден од најубавите моменти во мојата кариера. Се надевам дека ќе биде така и оваа година додаде okоковиќ.
Новинарот започна да поставува друго прашање, но домаќинот на прес-конференцијата веднаш го прекина.
Таквиот потег го изненади самиот Ѓоковиќ, кој ширум ги отвори очите, ги рашири рацете и им се извини на новинарите.
Дека мислењето на Ѓоковиќ за вирусот е причина за прекинување на официјалното обраќање пред новинарите, говори и клипот што Ролан Гарос го објави на неговиот официјален канал.
Во тој клип, кој трае минута и пол, говорот на Ѓоковиќ за коронавирусот е целосно елиминиран.