• петок, 22 ноември 2024

„Зошто се важни вашите пари?” - регионална кампања за родово-одговорно буџетирање

„Зошто се важни вашите пари?” - регионална кампања за родово-одговорно буџетирање
Скопје, 22 октомври 2020 (MIA) – „UN Women“ во Северна Македонија ја започна кампањата „Зошто се важни вашите пари?“, како дел од регионалната кампања за родово-одговорно буџетирање. Целта на кампањата, како што соопштуваат, е да се прошири знаењето за јавните буџети и да се подигне свеста за тоа дека сите граѓани, и мажи и жени, можат да бараат отчетност и транспарентност за трошењето на јавните пари. Ермира Лубани, регионална менаџерка за родово-одговорно буџетирање на „UN Women“ за Европа и Централна Азија истакна дека оваа кампања ќе биде спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија и Северна Македонија. - Веруваме дека преку оваа кампања ќе изградиме пошироко разбирање за концептот на родово-одговорно буџетирање за јавноста и ќе придонесеме да се претстави врската помеѓу трошењето на јавните пари и влијанието што го има врз квалитетот на животот на жените и мажите. „UN Women“ вложува големи напори во иновацијата за влијателни и ефективни интервенции“, рече Лубани. Преку онлајн кампањата ќе биде претставена вистинска приказна за успешна претприемничка од Струмица, која била корисничка на грант од општината како резултат на работата на полето на родово одговорно буџетирање. Од  „UN Women“ посочуваат дека кампањата ќе придонесе за разбирање на родово-одговорното буџетирање за јавноста и влијанието во животот на жените и мажите: како се донесуваат одлуките поврзани со јавниот буџет, зошто е важно жените да земат учество и како родово-специфичните потреби се рефлектирани во буџетските процеси. - „UN Women“ во Северна Македонија ги поканува граѓаните да се приклучат на кампањата која ќе се одвива под слоганот „Вашите пари за ваше добро!“, преку скенирање на QR кодот на промотивните материјали, кои ќе бидат достапни во продавница за кафе за носење и центар за дизајн и иновации во Скопје, да го гледаат видеото на кампањата на Youtube и да одговорат на кратка анкета  која ќе овозможи преглед за разбирањето на важноста за учеството во процесите на донесувањето на буџетите. Видеото и анкетата, исто така, ќе бидат достапни на социјалните медиуми на „UN Women“ во Северна Македонија, потенцираат од оваа меѓународна организација. Кампањата е дел од регионалната кампања за родово-одговорно буџетирање „Зошто се важни вашите пари?“, развиена во рамки на кампањата „Идеи – Обмислување на предизвиците.Унапредување на решенијата“ на Регионалната канцеларија на „UN Women“ во Европа и Централна Азија. фф/бак/

Остани поврзан