• петок, 22 ноември 2024

Џ.К. Роулинг: Законот им дава поголемо значење на мажите кои се чувствуваат како жени, пред правата и слободите на вистинските жени

Џ.К. Роулинг: Законот им дава поголемо значење на мажите кои се чувствуваат како жени, пред правата и слободите на вистинските жени

Лондон, 2 април 2024 (МИА) - Британската писателка Џ.К. Роулинг изјави дека „со нетрпение чека да биде уапсена“, откако во Шкотска вчера стапи во сила Законот против злосторства од омраза.

„Со донесувањето ваков Закон за злосторства од омраза, се чини, шкотските законодавци им даваат поголемо значење на чувствата на мажите кои ја изразуваат својата замисла за женственоста, отколку на правата и слободите на вистинските жени и девојки“, напиша Роулинг на „X“.

Таа смета дека новиот Закон е отворен за злоупотреба од страна на активистите кои сакаат да ги замолчат оние кои „зборуваат за опасностите од укинување на просторот за еден пол - за жени и девојки и дозволувањето на мажите да се натпреваруваат во женските спортови“, меѓу другото.

„Редефинирањето на поимот ‘жена’ поради мажите кои се декларираат како такви веќе има сериозни последици за правата и безбедноста на жените и девојките во Шкотска“, додава таа.

Во Шкотска нема слобода на говор ако „точниот опис на биолошкиот пол се смета за криминал“, според англиската писателка.

„Во мигов сум надвор од земјата, но ако она што го напишав овде се оквалификува како прекршок според одредбите на новиот Закон, со нетрпение очекувам да бидам уапсена кога ќе се вратам во колевката на шкотското просветителство“, нагласи Роулинг со ознака #УапсиМе.

Во Шкотска вчера стапи во сила Законот за злосторства од омраза и јавен ред, воведувајќи ново кривично дело „заканувачки или навредливо однесување насочено кон поттикнување омраза“ врз основа на возраст, попреченост, религија, сексуална ориентација, трансродов идентитет и варијации во половите карактеристики. Според новиот Закон, едно лице би направило прекршок ако каже нешто или се однесува на начин „што разумно лице би го сметало за заканувачки или навредливо“, со намера да предизвика омраза врз основа на заштитените карактеристики. Максималната казна е седум години затвор.  си/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан