• петок, 05 декември 2025

Џез концерт на триото на Георги Шаревски

Џез концерт на триото на Георги Шаревски

Скопје, 30 јуни 2025 (МИА) - Во Сули ан вечер ќе се одржи џез концерт на триото на Георги Шаревски, во рамките на фестивалот „Скопско лето“.

Како што е најавено, ќе учествуваат Георги Шаревски на гитара Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.

Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури.

-Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув, соопштија од Дирекцијата за култура и уметност.

Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современито џез израз.

Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, во кој на иновативен и суптилен начин ги обединува богатите балкански ритми со елементите на џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонска структура и суптилна техничка виртуозност. Со досега објавени девет авторски албуми,

Шарески редовно настапува на реномирани фестивали и концертни сцени низ Европа и светот, каде неговиот сензибилитет и оригинален пристап кон гитарата добиваат голема почит и интерес од критиката и публиката. Со своето уметничко делување, тој активно придонесува за меѓународната афирмација на македонската современа музика.

Оливер Јосифовски е истакнат контрабасист, композитор и продуцент со уникатна уметничка визија, кој повеќе од две децении ја обликува македонската музичка сцена. Неговиот музички јазик се движи меѓу корените на традиционалната македонска музика и слободата на џезот, со авангардни и експериментални елементи кои му даваат оригиналност и длабочина. Како коосновач на култната група „Љубојна“, Јосифовски има клучна улога во создавање на современ пристап кон етно музиката, внесувајќи нов дух и енергија во изведбата на македонското музичко наследство.

Роден во Окинава, Јапонија, Акира Накамура е професионален тапанар, музички продуцент и композитор. По дипломирањето на престижниот Berklee College of Music, ја започнува својата кариера во САД, а подоцна настапува низ Германија, Кина и Јапонија, свирејќи во жанрови како џез, поп и фанк. Во 2023 година го започнува својот соло проект „akira.drums“, препознатлив по иновативниот пристап и автентичен звук. Накамура има делено сцена со врвни музичари како Хироми Уехара, Дејвид Фјузински, Сем Кинингер, BIGYUKI и Kokolo Afrobeat Orchestra. Во своето прво гостување во Македонија, Акира ќе настапи во трио со двајца истакнати македонски музичари: гитаристот и композитор Георги Шарески, и контрабасистот Оливер Јосифовски.бт/са/

Фото: Дирекција за култура и уметност

Остани поврзан