• понеделник, 23 декември 2024

Џафери ги отфрли тврдењата дека го прекршил Деловникот кога го одложил гласањето за уставните измени

Џафери ги отфрли тврдењата дека го прекршил Деловникот кога го одложил гласањето за уставните измени

Скопје, 21 август 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека постапил неделовнички кога го одложил гласањето за потребата за уставни измени по исцрпувањето на листата на говорници на пленарната седница на 18 август. Џафери кажа дека постапил врз основа на членот 81 од Деловникот, но и дека врз основа на политичка проценка е донесена одлуката седницата да биде прекината по последниот говорник. 

-Седницата беше свикана за 18 август. Според глава 5 во Деловникот на Собранието во која што глава се санкционирани, значи надлежностите за свикување, учество во работата, текот на седницата и се по ред чекорите коишто се за текот на една седница. Врз основа на тие постапки во глава 5, отпочната е седницата, усвоен е дневниот ред со единствена точка на дневен ред, отворен е претрес, одржан е претрес и завршен претрес со констатација дека претресот по точката е затворен, односно завршен и со констатација дека ја прекинувам седницата и за продолжение на истата соодветно дополнително ќе бидат известени пратениците. Оваа моја одлука произлегува од членот 81 став 1 од Деловникот, рече Џафери. 

На прес-конференцијата тој го прочита членот 81 став еден: „Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно“.

-Ова е текстот на став 1 од член 81 врз основа на кој сум ја прекинал седницата, а во ставот 5 е санкционирано „дека времето за продолжување на прекината седница го определува претседателот на Собранието“ и никој друг. Тоа се дискрециони права според Деловникот, вели Џафери.

Според него, и од стенограмите за текот на седницата може да се види дека како претседател на Собранието на крајот на претресот по последниот говорник, координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски, нема други интервенции, констатирал „бидејќи е исцрпена листата на пријавени за збор констатирам дека претресот е завршен. Овде ја прекинувам работата за оваа седница, за продолжението ќе бидете дополнително известени“.

-Тоа е врз основа на член 81, а дека пратениците знаат по кој основа се прекинува седницата, доказ е фактот што пред говорот на Митревски, односно при завршување на говорот на Кастриот Реџепи на процедурално се кажува за можна „злоупотреба“ на Деловникот и дека ќе се прекине седницата по завршување на дебатата. Од каде знаеле дека ќе се прекине? Тоа е доказ дека по координациите, јас како претседател на Собранието не седам во кабинетот па само се спуштам доле на седница и си одлучувам, туку си има соодветни сознанија за текот на седницата, како ќе тече седницата и таму се цитира само оној дел којшто мислат дека им оди во прилог, рече Џафери.   

Запрашан за тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека седницата треба да се води врз основа на друга глава на Деловникот која се однесува на промена на Уставот, претседателот на Собранието посочува дека Главата десет од Деловникот (членовите 193, 194) се однесуваат на предлагачот на уставните измени. 

-Вика членот 194 - Предлогот за пристапување кон измена на Уставот содржи конкретни насоки за изменување и дополнување на Уставот и образложение за причините поради кои се предлага изменување и дополнување на Уставот. Ова е упатство за предлагачот, не за Собранието. Собранието ќе дојде на оваа точка кога ќе треба, кога ќе кажеме кај оди ова. На предлагачот му укажува што треба да содржи предлогот за измена на Уставот, истакна Џафери.     

Претседателот на Собранието го цитираше член 195 на којшто се повикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Да, ставот 3 вика одлука за пристапување кон измена на Уставот Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници. Овде санкционира со таква одлука се донесува, а не кога ќе се одлучува, затоа што периодот за одлучување на друго место е регулирано во текот на седницата, вели тој.

Ниту во ставот 4 од истиот член, вели тој не време во кое се свикува седница и се одржува.

- Зошто не пишува? Затоа што за овој материјал којшто и секој друг материјал којшто ќе се достави во Глава 5 е пропишана постапка за одржување седница, посочува Џафери.

За тоа кои се околностите поради кои е прекината седницата кога во салата имало стотина пратеници, претседателот на Собранието рече дека се од политичка природа  и оти за нив биле разменети мислења на координација. 

-На координација се разменети размислувања околу околностите за текот и затоа е претпоставката – знаеме дека ќе биде прекината. Па нормално знаете дека сум ве известил  како ќе тече седницата. Од каде ќе знаете ако не ви кажав, рече Џафери. 

Гласањето е индивидуално, но вели тој, постапката почнува дури откако тој ќе го најави изјаснувањето кога и се отвора системот за гласање. 

ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини Џафери дека го прекршил Деловникот кога не ги ставил уставните измени на гласање на 18 август, по завршување на расправата за потребата од уставни измени. ев/аа/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан