• понеделник, 23 декември 2024

Ќе се отвори административна канцеларија за услуги за граѓаните во Општина Јегуновце „Една точка за услуги“

Ќе се отвори административна канцеларија за услуги за граѓаните во Општина Јегуновце „Една точка за услуги“

Тетово, 19 јули 2024 (МИА) – Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски денеска потпишаа меморандум за соработка со цел отворање административна канцеларија за услуги за граѓаните во Општина Јегуновце „Една точка за услуги“ (ЕТУ).

Со новата канцеларија, ќе се обезбеди можност граѓаните да добијат административни услуги односно уверение за државјанство, уверение за податоци за стажот на осигурување, образец м1/м2 од пријава/одјава во задолжително социјално осигурување, историјат на работни однос, потврда дека не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, податоци на физички лица од кредитниот регистар и други.

- Во општина Јегуновце и околината гравитираат околу 10.000 жители, кои ќе имаат директен бенефит од оваа канцеларија. Во соработка со општината, со новата канцеларија, ќе обезбедиме брз и ефикасен пристап до сите важни административни услуги за граѓаните на оваа и соседните општини, што значително ќе го подобри квалитетот на живот и ќе го олесни секојдневното функционирање на сите жители. Нашата визија е Македонија да стане лидер во дигиталната трансформација на Балканот, а придобивките да ги почувствува секој човек, секој град и секое село во државата, истакна Стефан Андоновски.

Градоначалникот Костадиноски рече дека канцеларијата ќе биде од голема користа на граѓаните кои нема да имаат потреба да патуваат до Тетово односно ќе може да добијат административна услуга во својата општина

- Ова да биде пример и во иднина и до другите ресорни министерства и другите надлежни институции да продолжат да го следат примерот на Министерството за дигитализација, односно министерот Стефан кој се заложи за многу кратко време да најдеме заеднички јазик, да ја отвориме оваа канцеларија. Да биде пример, да граѓаните ги имаат што поблиску институциите и да им се решаваат дневните проблеми што поедноставно и побрзо, истакна Димитар Костадиноски.

На новинарско прашање зошто се вложува во нови канцеларии, кога се покажало дека не се успешни, Андоновски со одговор дека Државниот завод за ревизија има анализа и ревизорски извештај кои биле детално разгледани.

- Еден од аспектите е дека несоодветно биле поставени на локации, што значи не им се блиски за граѓаните. Вториот аспект е дека не ги нудат услугите што граѓаните ги бараат најмногу. И третиот аспект е непознавањето. Граѓаните не се запознавани дека има вакви точки за услуги. Идејата моја е – од постоечката инвестиција, да направиме две. Што значи дека не инвестираме нови средства во овие нови точки за услуги, тука од постоечките ресурси коишто ги имаме, опрема, компјутери, поврзувања, вработени, ние правиме две точки за услуги, затоа што фреквенцијата на луѓе не е толку голема да имате 8-9 вработени во една точка за услуги и можеме делот од тие вработени да ги преместиме на места коишто се поблиску до граѓаните и коишто ќе им бидат пристапни. Оваа локација им е позната на граѓаните мислам дека се повеќе и повеќе ќе ја користат, одговори министерот.

Андоновски рече дека дигиталната трансформација значи и дека ниту еден граѓанин нема биде исклучен, туку напротив, на ваков начин секој ќе ги почувствува придобивките од услугите.

- Според извештајот на Државниот завод за ревизија, овие канцеларии издале многу малку документи. За една година се издадени само 1.062 документи, а во Тетово само 7 граѓани месечно ги користеле услугите. Со новите канцеларии, трошоците се оптимизираат, а услугите се доближуваат до граѓаните, рече министерот.

Андоновски додаде дека Владата прави конкретни напори за подобрување на перформансите и на канцелариите „Една точка за услуги“, кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид и во Битола кои не биле ефикасни заради непостоењето на систематичност и рационализација. ас/цр

Фото: МДТ

Остани поврзан