• вторник, 05 ноември 2024

Ќе биде решен проблемот со набавката на лекот „Трикафта“ за пациентите со цистична фиброза, најави Меџити

Ќе биде решен проблемот со набавката на лекот „Трикафта“ за пациентите со цистична фиброза, најави Меџити

Скопје, 13 јули 2023 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека проблемот со набавката на лекот „Трикафта“ за пациентите со цистична фиброза ќе биде решен, но додека стигне лекот, како што рече, треба да се почитуваат процедурите и законите. Смета дека лекот би стигнал до пред Нова година и додаде дека ќе се потрудат да биде тоа што побрзо.

- Од првиот ден знаете дека тоа беше „жежок костен“. Се согласив и со тој проблем како министер и како Кабинет. Донесовме тогаш за осум, плус за четири пациенти. Немаше протокол, немаше комисија, а веќе има протокол и комисија. Имаше објава во „Службен весник“ и се тоа е завршено. Имавме состаноци со претставници на Асоцијацијата за цистична фиброза и многу сериозно, транспарентно, како со сите други проблеми и на тој проблем макотрпно работиме, изјави Меџити одговарајќи на новинарско прашање до каде е набавката на лекот „Трикафта“ за пациентите со цистична фиброза.

Според него, Центарот за цистична фиброза во детската болница Козле е празна просторија. - Треба многу средства, обезбедуваме и за тоа размислуваме, изјави Меџити на Универзитетска клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања каде беше отворен Центар за менаџирање на дебелината. 

Меџити информира дека професорите и експертите до 20 јули ќе имаат точен број на пациентите кои ќе треба да се вклучат. Тој чека од стручната комисија точно да му кажат колкав број на пациенти треба да се вклучат во иднина и да се почитуваат јавни постапки, набавки за да може да се обезбеди за тие пациенти „Трикафта.“

- Гарантирам дека проблемот ќе биде решен и таму ќе биде еден од најсовремените центри. Ќе има посебен оддел за деца и посебен оддел за возрасни, кои ќе се третираат таму. Има барање од Козле како секундарна здравствена институција да бидат терциерно здравство, значи како клиника. Ја разгледуваме можноста за да можат да бидат најадекватно третирани и Центарот да го има тоа ниво кое го заслужува, изјави Меџити. мд/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан