• вторник, 21 април 2026

Љутков: Посветено работиме на заштита и унапредување на културното наследство во Преспа

Љутков: Посветено работиме на заштита и унапредување на културното наследство во Преспа

Ресен, 20 април 2026 (МИА) - Со увид во работите за конзервација, реконструкција и адаптација на објектот на старото училиште во Љубојно во мултимедијален образовен центар за промоција на македонскиот јазик, министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја почна посетата на Преспанскиот Регион.

- Реализацијата е во напредна фаза и очекувам објектот да биде целосно завршен до крајот на годинава. Со овој проект вреден 20 милиони денари не само што заштитуваме и ревитализираме едно значајно споменичко добро туку создаваме нов простор за афирмација на македонскиот јазик и култура, кој воедно ќе прерасне во атрактивна туристичка содржина и ќе даде силен импулс за развој на културниот туризам во Преспа - истакна министерот Љутков.

Во рамките на посетата министерот ја посети и Црква „Св. Ѓорѓи“ во село Курбиново, еден од најзначајните споменици на средновековната уметност, изграден 1191 година.

Оваа еднокорабна црква, како што посочи тој, иако скромна по димензии, со својот врвен фрескоживопис се вбројува меѓу најзначајните достигнувања на средновековната византиска уметност во светски рамки.

- Сместена на локација со величенствен поглед, црквата, која се наоѓа на тентативната листа на УНЕСКО за светско културно наследство, претставува предизвик за домашната и меѓународна стручна и широка јавност. И покрај тоа што во моментот, поради тековните конзерваторски активности, пристапот во внатрешноста е ограничен, сепак интересот не стивнува - рече Љутков.

Министерството за култура и туризам досега инвестирало речиси 30 милиони денари во заштита на овој објект, каде што континуирано се спроведуваат конзерваторски активности од 2013 година.

Министерот посочи дека завршени се значајни зафати, како статичка консолидација и реставрација на архитектурата, како и конзервација на фрескоживописот, реализирана во соработка со Завод и Музеј - Битола во партнерство со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, што претставува пример за високо ниво на стручност и успешна меѓународна соработка.

- Знам дека во моментот се соочуваме со одредени предизвици во врска со поставувањето на настрешникот, кој треба да го заштити фасадното сликарство на западната страна од црквата. Убеден сум дека и ова набргу ќе биде надминато и активностите на овој сегмент, за кој веќе е изработен проект и е добиено позитивно стручно мислење, со засилена динамика ќе продолжат во август. Со секој нов чекор ова културно богатство се доближува до моментот кога повторно целосно ќе им биде достапно на посетителите и ќе блесне во полн сјај - истакна Љутков.

Министерот денеска ќе ги посети Куќата на Татарчеви и Сарајот на Нијази-бег во Ресен, каде што со средства од европските фондови за прекугранична соработка (во рамките на проектот АCT4PRESPA) сo 60 илјади евра во напредна фаза се работите на реконструкција на покривот како дел од континуираните активности за заштита на значајните културни објекти во регионот. мт/дма/

Фото: Министерство за култура и туризам

 

Остани поврзан