• недела, 22 декември 2024

Љутков: Ниту една национална установа од културата не е осигурана, наместо за капитални инвестиции ние зборуваме за плати и покривање на загубите

Љутков: Ниту една национална установа од културата не е осигурана, наместо за капитални инвестиции ние зборуваме за плати и покривање на загубите

Скопје, 27 август 2024 (МИА) – Ниту една национална установа од културата не е осигурана. Со ребалансот обезбедивме буџет да ги осигураме и веќе во тек е постапката за јавната набавка, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, обвинувајќи дека поради недомаќинското работење на претходната власт наместо за капитални инвестиции и подобрување на условите со ребалансот на Буџетот годинава фокусот бил да се обезбедат средства за плати и покривање на загубите. 

Нејасно е, посочи Љутков, зошто не се предвидени средства за овие работи „дали биле сигурни дека нема да бидат повеќе власт, па го креирале буџетот до јули месец или е тоа од не знаење“. 

-Ние со соочивме со ваков проблем, доаѓа ребалансот на буџетот нас ни фалат 248 милиони денари само за плати за до крајот на годината, нагласи Љутков.

Прашан дали се предвидени покачувања на плати на културните работници, Љутков рече дека се што е уредено со закон треба да биде испочитувано.

-Се што е уредено според закон ние треба да го испочитуваме, дали е тоа уредено според општиот колективен или посебниот колективен договор, ќе треба да се испочитува. Прашањето е зошто, бидејќи знаете дека во 2024 ќе треба да го испочитувате колективниот договор бидејќи минималната плата најавуваа дека ќе се зголеми во 2024 година, прашањето е зошто не сте ги предвиделе тие средства кои се некаде околу 250 милиони денари, изјави Љутков, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје.

Како нов министер, Љутков посочи дека морал да обезбедам од Влада некаде околу 7/8 милиони дополнителни средства само да ги покриеме загубите, наместо со тие 7/8 милиони до крајот на годината да сечевме лента на новиот Турски театар.

-Тие работеле недомаќински и не ги предвидувале  средства, не платиле 5 милиони денари за кобис. Не ги предвиделе. Тоа со ребалансот моравме да го обезбедиме. Немаат платено осигурување за националните установи и ред други работи што ми е непријатно да кажам во каква ситуација се оставени националните институции, изјави Љутков.

Љутков, меѓу другото, посочи дека од 2017 година до сега сите процеси во делот на капиталните инвестиции се на минимално ниво. 

-          Значи, се е оставено на забот на времето. Ние денеска се соочуваме прво, бидејќи буџетот е во катастрофална состојба, со тимот на Министерството за култура работиме како да ги  довршиме проектите коишто се започнати пред 15 години, а не да почнеме со процес на изградба на нови. Значи, мора во овој мандат да ги завршиме сите објекти во делот на културата коишто се започнати како процес и мораме да реновираме дел од институциите коишто се во катастрофална состојба како што е НУБ, рече Љутков. 

Во партиската програма, нагласи Љутков, пишува дека тој процес ќе биде 2025-2035 и посочи дека во меѓувреме ќе изработуваат проекти и ќе се прави ревизија и на постоечките за, како што рече „да видиме до која фаза и што можеме да направиме во овој мандат“.

Прашан за проектот за конаците во Музејот во Велес, Љутков рече дека тој секако е многу стар проект и ќе треба да се направи и препроцена во однос на тоа колку чини. -Верувајте ако некој проект е направен во 2015 вие морате и внатре во сценската технологија да направите измена бидејќи тоа е веќе застарена технологија, посочи тој. аа/бт/

Фото: МИА  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан