• понеделник, 23 декември 2024

Јусаф за Би-би-си: Старџен може да остане членка на Шкотската национална партија

Јусаф за Би-би-си: Старџен може да остане членка на Шкотската национална партија

Лондон, 12 јуни 2023 (МИА) - Поранешната прва министерка на Шкотска, Никола Старџен, нема да биде суспендирана од Шкотската народна партија (СНП), откако вчера беше уапсена од полицијата како дел од истрагата за финансирање на партијата, изјави нејзиниот наследник Хамза Јусаф за Би-Би-Си.

-Не, не ја отстранувам Никола (Старџен од партијата), рече Јусаф, кој е близок со Старџен, отфрлајќи ги повиците од редовите на водечката партија во Шкотска.

Тој додаде дека „ќе се однесува кон неа на ист начин“ како и кон другите членови на СНП кои, како што кажа, исто така беа испрашани, а потоа ослободени без обвинение.

-Нема притисок врз неа сама да ја напушти партијата, увери Јусаф.

Поранешната прва министерка Старџен, која изненадувачки поднесе оставка во февруари, вчера помина седум часа во полиција на сослушување како дел од истрагата за финансирањето на нејзината партија.

Истрагите, што почнаа во 2021 година, се однесуваат особено на употребата на 600.000 фунти (683.000 евра) во донации собрани во последните години за организирање на нов референдум за независност, проект кој беше блокиран од опозицијата од Лондон.

Медиумите, исто така, покренаа прашања во врска со заемот, за кој се тврди дека сопругот на Старџен, Питер Мурел го отплатил на партијата.

Според портпаролката на Старџен, таа доброволно дошла на распит во полицијата. Таа подоцна беше ослободена во очекување на натамошни случувања и беа претресени неколку имоти, вклучително и нејзиниот дом.

-Знам без сомнение дека сум невина, уверува таа во изјавата објавена по нејзиното ослободување од притвор.

На почетокот на април, сопругот на Старџен, Мурел, кој беше главен извршен директор на СНП до средината на март пред да поднесе оставка од својата функција, беше уапсен како дел од истата истрага пред да биде ослободен истата вечер, повторно без обвинение.

Неколку дена подоцна, благајникот на СНП, Колин Бити, исто така беше сослушан. Тој за возврат поднесе оставка како благајник. мс/сд/

фото: Архива

Остани поврзан