Јужноафриканскиот претседател за обвинувањата на САД: Нема да бидеме заплашени
- Јужна Африка „нема да биде заплашена“, изјави денеска нејзиниот претседател Сирил Рамафоса по острите изјави на американски функционери за неговата земја.

Кејптаун, 6 февруари 2025 (МИА) – Јужна Африка „нема да биде заплашена“, изјави денеска нејзиниот претседател Сирил Рамафоса по острите изјави на американски функционери за неговата земја.
Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела на својата платформа „Truth Social“ напиша дека „Јужна Африка конфискува земја и многу лошо се однесува кон одредена категорија луѓе“, поради што „ќе бидат прекинати сите идни финансирања“ на САД за проекти во таа земја.
Блискиот соработник на Трамп, најбогатиот човек на светот, Илон Маск, роден во главниот град на Јужна Африка, на Х ја обвини неговата татковина дека има „отворено расистички закони за сопственост“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера ја обвини Јужна Африка за „антиамериканизам“ и рече дека нема да биде во Јоханесбург на 20 и 21 февруари на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20.
Јужноафриканскиот претседател Рамафоса во денешниот говор во Парламентот во Кејптаун по повод почетокот на парламентарната година рече: „Нема да бидеме обесхрабрени. Ние, како Јужноафриканци, сме отпорен народ. И нема да бидеме заплашени“.
Претседателот на најголемата африканска економија не ги спомна САД и алудираше на нив спомнувајќи го порастот на национализмот, протекционизмот и падот на солидарноста во светот, пренесе Бета. јт/
Фото: МИА архива