• среда, 17 јули 2024

ЈСП „Скопје“: Дваесетина лица го спречуваат работењето на претпријатието, ќе следат кривични пријави

ЈСП „Скопје“: Дваесетина лица го спречуваат работењето на претпријатието, ќе следат кривични пријави
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Од утринава дваесетина луѓе од ССМ и т.н. Независен синдикат на ЈСП „Скопје“ спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк, информира денеска Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Овие дваесетина лица, како што наведуваат, немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. -Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, тие согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот. Поради ова, Град Скопје ќе ги почитува законските мерки и ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани, стои во соопштението од ЈСП „Скопје“. Од претпријатието потсетуваат дека уште вчера Град Скопје подготви одлука за пренамена на средства со кои, како што се наведува, ќе се обезбеди исплата на последната плата која доцни пет дена поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и науака и општините. - Апелираме до членовите на Управниот одбор на ЈСП „Скопје“ да постапат согласно нивните законски обврски, во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието, се вели во соопштението од ЈСП „Скопје“. мд/аа/

Остани поврзан