ЈП „Стрежево“ - Битола почна со издавање дозволи за рекреативен риболов
- Јавното претпријатие „Стрежево“, кое стопанисува со истоимената акумулација крај Битола, денеска почна со издавање дозволи за рекреативен риболов. Риболовците може да обезбедат годишни, месечни и еднодневни дозволи за рекреативен риболов.
Битола, 2 февруари 2026 (МИА) - Јавното претпријатие „Стрежево“, кое стопанисува со истоимената акумулација крај Битола, денеска почна со издавање дозволи за рекреативен риболов.
Од ЈП „Стрежево“ информираат дека риболовците може да обезбедат годишни, месечни и еднодневни дозволи за рекреативен риболов.
Висината на надоместокот за дозволите за риболов на акумулацијата се движи од 200 денари за еднодневен риболов, до 1.500 денари за годишна дозвола, која може да се користи 365 дена. За членовите на здружението за спортски риболов „Стрежево“ годишната дозвола чини 1.000 денари. Рекреативните риболовци може да обезбедат и месечни и тридневни дозволи за рекреативен риболов на акумулацијата „Стрежево“.
Инаку, кон крајот на минатата година ЈП „Стрежево“ успешно изврши порибување на акумулацијата со над 250 килограми рибиен подмладок крап како дел од важечката риболовна основа и договорот за користење риби склучен меѓу Владата и ЈП „Стрежево“. мт/дма/
Фото: МИА