ЈП „Куманово Гас“ планира реализација на проекти за приклучување на јавни институции и проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа
- ЈП „Куманово Гас“ преку вториот владин повик има обезбедено средства и за проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа во должина од околу 6,5 километри
Куманово, 9 март 2026 (МИА) - Во текот на 2026 година ЈП „Куманово Гас“ планира реализација на неколку проекти за приклучување на јавни институции и проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа во градот информираше директорот на претпријатието, Марко Митровски на последната прес-конференција. Според Митровски, годинава се предвидува приклучување на четири нови објекти на гасоводната мрежа. Станува збор за основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, градинката „Славејче“ кај поранешен „1 Мај“, како и Здравствениот дом Куманово.
-Преку проект во текот на 2026 година ќе имаме четири нови приклучоци кои ќе ги финансираат самите институции. Тоа се основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, градинката „Славејче“ кај поранешен „1 Мај“ и Здравствениот дом Куманово. Овие проекти ќе се реализираат во текот на оваа година-изјави Митровски.

Тој додаде дека паралелно се работи и на проектната документација, а дел од активностите веќе се започнати. Во рамки на планираните активности, се работи и на приклучување на спортската сала, каде што веќе започнала изведбата на работите во внатрешниот дел.
- Почната е изведбата во внатрешниот дел на спортската сала и очекуваме во текот на 2026 година таа да стане наш потрошувач-посочи Митровски.
ЈП „Куманово Гас“ преку вториот владин повик има обезбедено средства и за проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа во должина од околу 6,5 километри. Општина Куманово веќе распишала јавен повик за избор на изведувач, но тендерската постапка не била успешна.
- Имаме одобрени средства за околу 6,5 километри дистрибутивна гасоводна мрежа. Општина Куманово распиша повик, но тендерската постапка не успеа бидејќи тендерот падна. Сега се очекува да се распише втора постапка и да се избере изведувач-рече Митровски.
Со новата фаза на проширување е предвидено поставување на дистрибутивна мрежа на повеќе улици во градот, најмногу во населбата „Зелен Рид“, дел во населба „Карпош“. Од претпријатието очекуваат дека со реализацијата на овие активности ќе се подобрат условите за приклучување на нови корисници и постепено ќе се проширува употребата на природниот гас во градот. ам/сст/