ЈП Комуналец : Водата во Кавадарци исправна за пиење
- Водата за пиење во Кавадарци повторно е исправна, по неколкудневната препорака да се преврива пред употреба, информираат од ЈП „Комуналец“.
Кавадарци, 11 декември 2025 (МИА) - Водата за пиење во Кавадарци повторно е исправна, по неколкудневната препорака да се преврива пред употреба, информираат од ЈП „Комуналец“.
Оттаму соопштуваат дека Сектор водовод при ЈП ,,Комуналец" Кавадарци на карактеристични места низ градот направил интерни испитувања на водата за пиење.
- Со испитувањата се утврди дека присуството на резидуален хлор во водоснабдителниот систем е во граници на нормалата. Со ова се констатира дека водата од градскиот водовод Лукар е исправна и може да се употребува за пиење, се вели во известувањето до јавноста, објавено на Фејсбук страницата на претпријатието.
Претходно, поради, како што наведоа, обилните дождови на изворите Лукар, од комуналното претпријатие известија дека водата во градскиот водовод била заматена и пред консумирање потребно било да се преврива.
Тогаш истакнаа дека во корелација со Центар за јавно здравје Кавадарци состојбата се следи и најавија дека дополнително ќе известат, кога ќе се нормализира состојбата со водата. свд/дма/
Фото: МИА архива