• петок, 13 декември 2024

Јована Миладинова доби награда за најдобра млада актерка на фестивалот МЕСС во Сараево

Јована Миладинова доби награда за најдобра млада актерка на фестивалот МЕСС во Сараево

Велес, 14 октомври 2024 (МИА) - Македонската актерка Јована Миладинова  за улогата на Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“ на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во режија на Андриј Жолдак доби награда за најдобра млада актерка „Рејхан Демиржиќ“ на Меѓународниот фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево, МЕСС.

Одлуката за наградата, во отсуство на Миладинова, жири-комисијата ја соопшти вчера на затворање на фестивалот. Оваа претстава на Велешкиот театар на МЕСС во Сараево на сцената беше одиграна со голем успех на 6 октомври. Одлуката ја донесе жирито во состав:  Изудин Бајровиќ, актер, Горчин Стојановиќ, режисер и Ана Вукотиќ, режисерка.

- Јована Миладинова, како Изабела, ја носи претставата „Едвард Втори“ на своите младешки, кревки, но театарски моќни рамена, правејќи застрашувачкото барање на оваа физички, емотивно и психолошки вонсериски тешка изведба да изгледа лесно и едноставно, речиси лелеаво. Тоа го постигнува со највисок степен на концентрација, прецизност, посветеност, актерска храброст - речиси дрскост, објавувајќи ја на тој начин својата исклучителна дарба, која несомнено ќе трае и во нејзините идни улоги, се вели во образложението на жири-комисијата. 

Ова е трета награда на Јована Миладинова по Наградата за искучително уметничко остварување на „Сцена на Крстопат“ во Пловдив, Бугарија, и Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп.

Како што информираат од Велешкиот театар, следната изведба на „Едвард Втори“ е на Меѓународниот театарски фестивал во Никшиќ, Црна Гора следниот месец. ад/мд/

 

Остани поврзан