Јоан Пелуши избран за поглавар на Албанската православна црква
- Пелуши е роден на 2 јануари 1956 година во Тирана, се школувал и магистрирал на Теолошки ниверзитет во САД, бил професор на Теолошкиот факултет во Албанија, од 1996 до 1998 бил и декан на факултетот, во 1997 година станал архимандрит, а година подоцна митрополит на Корчарската митрополија.

Тирана, 16 март 2025 (МИА) - Неговото Високопреосвештенство Јоан Пелуши е новиот поглавар на Автокефалната православна црква на Албанија, што беше соопштено со биење на камбаните на црквата „Воскресение Христово“ во Тирана, по заседавањето на Синодот.
Светиот синод го избра новиот архиепископ за Тирана, Драч и цела Албанија, кој ќе го наследи починатиот архиепископ Анастасиј. По објавувањето на името на новиот архиепископ биеја камбаните во сите катедрали и цркви во Албанија. Архиепископ Јоан, пред да биде привремен вршител на оваа должност, беше митрополит на Корча. На 29 март ќе се одржи голема церемонија на устоличување, објавија медиумите.
Пелуши е роден на 2 јануари 1956 година во Тирана, се школувал и магистрирал на Теолошки ниверзитет во САД, бил професор на Теолошкиот факултет во Албанија, од 1996 до 1998 бил и декан на факултетот, во 1997 година станал архимандрит, а година подоцна митрополит на Корчарската митрополија.
Во период од 33 години по падот на комунизмот, на чело на албанската црква беше Анастас Јанулатос, кој почина на 25 јануари во болница во Атина. Во Албанија се вратил од Грција во 1991 година, на 63-годишна возраст, а за архиепископ го назначи вселенскиот патријарх, што значи дека Синодот на ААПЦ денеска за првпат избра поглавар. Минувајќи низ многу тешкотии, тој ја обнови ААПЦ, која, како и другите религии, била забранета од комунистичкиот режим во земјата.
Покрај оживувањето на повеќе од 400 парохии, во Драч е основана и Богословската академија „Воскресение Христово“ како и две црковни гимназии во кои се школувале над 150 свештеници.
По негов аманет почива во црквата „Воскресение Христово“ во Тирана. вт/сд/