Јеменските Хути извршија нов напад врз брод во Црвеното Море, бродот оштетен, екипажот евакуиран
- Бродот „Магични мориња“ (Magic Seas) беше нападнат со беспилотни летала и ракети, соопшти денеска оваа група која е поддржана од Иран.
Сана, 7 јули 2025 (МИА) – Милицијата на Хутите во Јемен денеска ја презеде одговорноста за нападот врз брод во Црвеното Море, прв по неколку недели, јави ДПА.
Бродот „Магични мориња“ (Magic Seas) беше нападнат со беспилотни летала и ракети, соопшти денеска оваа група која е поддржана од Иран.
Организацијата за операции во поморската трговија на Обединетото Кралство (UKMTO), која е е одговорна за безбедноста на комерцијалниот превоз, соопшти дека инцидентот се случил вчера.
Според извештајот на UKMTO, милитантите на мали чамци го нападнале трговскиит брод со базуки и друго оружје, по што безбедносните сили возвратиле на огнот.
Вода навлегла во нападнатиот брод, а еден трговски брод што поминувал го земал екипажот, пренесе германската агенција.
Од почетокот на војната во Газа, во октомври 2023 година, Хутите постојано напаѓаат бродови во Црвеното Море тврдејќи дека дејствуваат во солидарност со Палестинците во крајбрежната енклава.
По тешките воздушни напади на САД врз Јемен, на почетокот на мај, милицијата се согласи на прекин на огнот.
Групата соопшти дека товарниот брод што го нападнала ја прекршил забраната за влез во израелските пристаништа, најавувајќи ја својата намера да продолжи да напаѓа бродови поврзани со Израел.
Јемен се наоѓа по должината на еден од најважните бродски патишта за светската трговија, потсетува ДПА.
Многу бродски компании ја избегнуваат рутата поради ризикот од напади на Хутите, со што се предизвикаа милијарди долари економска штета.сд/
фото:МИА архива