• сабота, 21 декември 2024

Јапонија ќе ја следи воената активност на Кина и ќе спречи натамошно нарушување на нејзиниот воздушен простор

Јапонија ќе ја следи воената активност на Кина и ќе спречи натамошно нарушување на нејзиниот воздушен простор

Токио, 20 ноември 2024 (МИА) - Јапонските власти денеска соопштија дека внимателно ќе следат дали Кина го исполнува ветувањето дека ќе спречи понатамошни нарушувања на воздушниот простор на Јапонија, откако објаснија дека упадот на кинески воен авион пред речиси три месеци бил ненамерен.

Токио протестираше и побара објаснување од Пекинг откако кинескиот извидувачки авион И-9 на 26 август накратко навлезе во јапонскиот воздушен простор кај најголемиот остров Кјушу, поради што јапонската војска подигна борбени авиони.

Кабинетот на премиерот соопшти дека Кина го признава прекршувањето на воздушниот простор и ја увери Јапонија дека ќе направи напори да спречи повторување. „Го земаме предвид кинеското објаснување и отсега внимателно ќе ја следиме кинеската воена активност“, се наведува во соопштението.

Иако авионите можат да се најдат во турбулентни услови, толку значително отстапување од патеката на летот е незамисливо, изјавија јапонските власти.

Телевизијата НХК објави дека јапонските одбранбени претставници рекле дека сè уште го сметаат нарушувањето на воздушниот простор за неприфатливо, бидејќи тоа е сериозно нарушување на територијалниот суверенитет.

Претставниците на Токио се загрижени поради зголемената воена активност на Кина околу југозападните води и воздушниот простор на Јапонија. Ова доведе до тоа Токио значително да ја зајакне својата одбрана во областа, која се смета за клучна за стратегијата за одбрана на Јапонија.

Јапонија е загрижена и за воените активности на Кина, Русија и Северна Кореја. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан