• понеделник, 23 декември 2024

Јанкуловски: Универзитетот не треба да одговори само на актуелните предизвици, туку и на тие што следат

Јанкуловски: Универзитетот не треба да одговори само на актуелните предизвици, туку и на тие што следат

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Уште од основањето на Универзитетот па наваму, секогаш определбата на тие кои сиот свој наставно - научен потенцијал го вградуваат во него, е дека Универзитетот не треба да одговори само на потребите и предизвиците во актуелниот миг, туку и да вложи во совладувањето на предизвиците во годините и децениите што следат, истакна ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, во своето обраќање на вечерашната свечена академија по повод одбележувањето на 74-годишнината од основањето на Универзитетот и на Денот на светите Кирил и Методиј. 

Јанкуловски во својот говор образложи дека тоа е затоа што токму кадарот што произлегувал од овој Универзитет е оној што требал, и треба да биде носител на општествените и културните процеси на развој, не само во актуелниот момент, туку и долгорочно во времето што следи.

- Сметам дека ова треба да биде определба на секој современ универзитет, но не може да не се истакне дека нашите претходници, чие дело е во темелите на УКИМ, имаа јасна визија за остварувањето на оваа определба во децениите зад нас, затоа што ја имаа решеноста и да го следат примерот на сесловенските просветители, солунските браќа Свети Кирил и Методиј, истакна Јанкуловски.

Додаде дека остварувањето на дејноста и влогот на Универзитетот никогаш не биле самоостварување на нужните потреби во општествениот развој туку секогаш биле многу повеќе од тоа.

- Иако основањето на нашиот Универзитет било резултат на неопходност по започнувањето на развојот на слободната македонска држава, затоа што токму тој е еден од нејзините столбови, остварувањето на дејноста и влогот на Универзитетот никогаш не биле, и никогаш не се самоостварување на нужните потреби во општествениот развој, како што и мисијата на светите Кирил и Методиј не била само политичка, секогаш биле и се многу повеќе од тоа, прераснувајќи во општествено и културно дело која во децениите ги има надраснато дадените историски ситуации, посочи Јанкуловски.

Како куса ретроспектива на сработеното во последните години, тој се осврна и на ефектите од периодот кога траеше пандемијата и дека тие предизвици дале голем придонес за дигитализацијата и продолжувањето на унапредувањето на наставно-образовната дејност во УКИМ.

- Големиот избор на квалитетни и иновирани студиски програми од прв и од втор циклус студии, постојаниот стремеж за достигнување на квалитетот на образовните програми на престижните универзитети во светот, како и следењето на трендовите на атрактивност на студиските програми го прават Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, не само водечки во земјата и пошироко, туку прв и најдобар избор на идните студенти, рече ректорот на УКИМ.

Во рамки на програмата на свечената академија, со изведба на мешаниот хор „Драган Шуплевски“ на Факултетот за музичка уметност, на којашто диригираше студентката Ангелина Спасовска, се интонираа државната химна на Република Северна Македонија, свечената химна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и студентската химна „Гаудеамус“.

По говорот на ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, следуваше и уметничка изведба на ансамблите на ФМУ Скопје, машкиот и женскиот дел од хорот „Драган Шуплевски“ под диригентската палка на професорот Сашо Татрчевски, како и изведба на Симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје, на којшто диригент беше студентот Бехар Весели. сх/ев/

Фото: Принт скрин

Остани поврзан