• недела, 05 јули 2026

Јаневски: Како македонско општество не треба да одиме по патот на омразата, соработката да се преслика во уметноста, спортот и други области (2)

Јаневски: Како македонско општество не треба да одиме по патот на омразата, соработката да се преслика во уметноста, спортот и други области (2)

Скопје, 3 јули 2026 (МИА) - Не треба да има антибугарска омраза, ниту да градиме антибугарско чувство, туку да се поставиме сосема поинаку, со работа на проекти како што е случајот со меѓуграничниот железнички тунел, за кој ќе бидеме готови пред нив - оценува Дарко Јаневски, генерален директор на МИА, во интервју за „Проверитас“ со Александар Бичиклиски

Според Јаневски, именувањето на бугарските културно-уметнички клубови во изминатиот период имало цел да провоцира конфликти, а бројот на Бугари што излегуваат на гласање во бугарската амбасада во Скопје покажува колку од нив се реално и вистински заинтересирани за таков вид промоција на нивното бугарско национално чувство.

- Ние како Македонија, како македонско општество, не треба да одиме по тој пат - порачува Јаневски.

Тој вели дека кај нас треба да се претстават историски случувања за кои не се знае, а се кријат во Бугарија, а преку кои се доловуваат повеќе аспекти за разлика од тоа што се наметнувало со пропагандите за одредени историски личности во времето на комунизмот. Го посочува случајот со Пејо Јаворов, како што вели, етнички Бугарин, но по потекло Ерменец, а борец за Македонија, и познат поет и многу близок пријател на Гоце Делчев

Јаневски посочува дека во уметноста, спортот и во други области треба да се преслика соработка и промоција за заеднички бенефити и да нема изолација, а според примерот со енергетската иницијатива, што ја изнесе премиерот Христијан Мицкоски за земјите од Западен Балкан, која има потенцијал од 26 милијарди евра годишно. 

Неприфаќањето на уцените, смета Јаневски, не значи изолација. Укажува на потребата од единственост и на опасноста дека доколку се направат уставните измени, без гаранции, за шест месеци државата повторно ќе се соочи со блокада.

- Ние мораме тие односи да ги градиме за да ги разбереме тие луѓе и потоа на политичко ниво да имаме алатка да ги знаеме како размислуваат, да може да се справиме со нив и да го добиеме она што ние го сакаме и, во крајна линија, не на себеси, туку на целиот свет да му докажеме - слушај ова не оди вака. Нѐ уценувате и не прифаќаме, ќе останеме, ќе тераме сами. Ама тоа не значи изолација. Тоа е пак проблем. Пак доаѓаме на домашен терен, кој во интервју за МИА го истакна претседателката Сиљановска. Не можам да се убедам со опозицијата дека треба да бидеме единствени. Не може власта да вели нема Бугари во Уставот, без гаранција, а вие да се нудите сами. Со 120.000 гласа да му се нудите сами на Брисел - донесете нѐ нас на власт, ние ќе ги внесеме Бугарите. Да, ќе ги внесете, ама за шест месеци Бугарите ќе нѐ блокираат пак. И што ќе правите, што оправдување ќе имате тогаш? - вели Јаневски. 

Ајде да проговориме за овие т.н. разни културни центри, кои се отвараа во Македонија, културни клубови, како ги викаат, кои носеа имиња на луѓе што никогаш не се занимавале со култура. Едното е Иван Михајлов, таму беше Фердинанд... Значи, претседатели на истите клубови беа луѓе со многу сомнително минато, луѓе што дистрибутираа книги со лажни истории, значи се измислуваа разни несреќи, некоја сообраќајна несреќа што ја имаат направено, кај што се виновни, па се претставуваа жртви, па некој дилер на дрога што бил претепан за нешто, се претстави како жртва поради тоа што е Бугарин, сакаат да прикажат системска државна репресија, но некако со промената на власта, со доаѓањето на оваа нова постава на ВМРО-ДПМНЕ во последните години, како да спласна целата таа приказна. Што мислите, дали последниве две години имаме една државна стратегија, па малку и не им е толку лесно на тие пропаганди што ни доаѓаат од исток?

- Па, прво, не им е лесно затоа што не успеваат да најдат тло. Второ, не можете вие во Македонија да основате клуб, еве некој културно-уметнички клуб, и да го наречете Ванчо Михајлов или Иван Михајлов, божем по бугарски, по македонски е нели Ванчо Михајлов. Не може. Има Македонци што сметат дека е во ред Ванчо Михајлов, не е толку црн, јас не се согласувам со тоа. Има Македонци што сметаат така. Меѓутоа, повеќето го сметаат, едноставно, за предавник на Македонија.

Ама кој културен клуб?

- Тоа е посебна приказна, тоа име го ставаат како наслов на културно-уметнички клуб или како и да го крстите, не е битно. Самото тоа, бидејќи не сте толку неинтелигентен, не може да кажеме дека е така. Самото тоа покажува дека вашата идеја е, всушност, да направите провокација, да испровоцирате некаков конфликт. И сето ова потсетува, ако се сеќавате на времето имаше во тетовски училишта или така нешто, каде што учат и Македонци, меѓутоа со некаков мистериозен гас се труеја исклучиво албанските деца. Чекај малку сега. Овој Македонецот е на два чекори од тебе, како нему не му е ништо, а вие паѓате во, не знам, несвест и сте отруени. Така некако таа шема се обидуваат и овие сега да ја направат. Како и тоа ,ако сте Бугарин по националност, тогаш вие имате проблеми, што апсолутно не е точно. Никој никого во оваа држава не го закача и никого не го интересира што си по националност. Или ако одиш да извадиш извод од Матичната книга на родените, од надлежната служба, на Македонецот ќе му го дадат за два дена, а тебе ќе те малтретираат за пет дена затоа што си ти Бугарин? Не, тој не го ни гледа тоа, гајле му е, туку, едноставно, не функционира и за Македонецот и за Бугаринот. Тоа што нив ги има само 3.000 според пописот, тоа не е моја вина. Ама, велат, имате 100 илјади или не знам колку бугарски пасоши. Да, има, меѓутоа на пописот излеговте 3.000. Што да правиме.

И видовме колку гласавте, на крајот на краиштата.

- Да. И во крајна линија, кога има гласање, тие имаат право, нели, да гласаат во Амбасадата и излегуваат бројки колку луѓе отишле да гласаат, што покажува колку од нив се реално и вистински заинтересирани за таков вид промоција на нивното бугарско национално чувство. Она што ние мора да го направиме е тоа што го говорев пред малку. Ние како Македонија, како македонско општество, не треба да одиме по тој пат. Не треба да има антибугарска омраза, односно да градиме антибугарско чувство. Не, обратно треба да се поставиме. И ние треба да вршиме притисок како што се прави, на пример, за тунелот таму. Ние ќе бидеме пред нив готови со тунелот на пругата кај Крива Паланка. Тие немаат абер, не почнале. Дојде нивниот министер, се фотографира со нашиот министер Николоски и заврши приказната. Јас сум правел репортажа, на пример, имам пратено своевремено екипа, која се качи во воз во Ѓуешево, а возачот со службениот автомобил отиде да ја чека екипата во Софија. Се возеше до Софија таа екипа и направија репортажа. На Бугарија ѝ треба таму современа пруга. Тие не сакаат да ја направат. Тие не сакаат таа граница да се отвори и да постои поголема размена на трговија, поголемо движење. Ние треба да одиме по другиот пат.  Добро - вие терајте така. И тука јас не можам да ги разберам, на пример, тие што се занимаваат во таа област. Зошто за нас не е тоа што го кажав, зошто за нас не е интересен бугарски пејач. Не знам, јас не ги знам, не ја следам таа област, не ја следам ни српската итн. Меѓутоа, ако има некоја убава пејачка од Грција, од Србија, која е атрактивна за дел од македонската популација, зарем малку се Бугарки, зарем малку се од Грција такви? Зошто ние тоа не го правиме? Ние мораме да ја свртиме работата и да одиме. Ние не можеме, еве, имавме или имаме, во крајна линија, сѐ уште проблем со Грција зашто го сменивме името. Но, не можеме да останеме закопани во тој ров. Добро, било што било, тоа се случи затоа што ние самите го дозволивме тоа и самите имавме проблем со таа влада. Тоа не значи дека сега треба да ги мразиме Грците. Напротив, треба да вршиме притисок - отворете ја границата, нека оди народот, доаѓајте и вие овде да ја завршиме таа работа.

Еве баш идејава, знаеш, во една дебата со еден од луѓето што е во овие клубови, му викам, добро, зошто клубот го крстивте Иван Михајлов, зошто не го крстивте, ако велите дека сте културен клуб и ако сакате да бидете мостот помеѓу двата народа, на пример, Пејо Јаворов, кој бил познат поет, етнички Бугарин, меѓутоа многу близок пријател на Гоце Делчев, кој пишувал многу убави песни, и член на организацијата на ВМРО.
 
-  Тој по потекло е Ерменец. Се изјаснува како Бугарин. Не е спорно неговото чувство. Јас не го оспорувам неговото бугарско национално чувство. Меѓутоа, нашата историја е таква. За тој дел ние треба да се едуцираме повеќе. Тој бил една од, ако може да има повеќе десни раце, меѓутоа близок пријател на Гоце Делчев. И, да кажеме, има една документација дека при една обиколка што ја правел Делчев на 4 јануари, Пејо Јаворов бил извежбан во дактилографско пишување со скратеници - пишува две букви, а не му треба целиот збор. Не знам тоа како се вика стручно, бил извежбан во тоа. И тој на колена при целиот тој студ, со тетратка и молив или што постоело во тоа време како средство за пишување, му ги пишувал белешките на Гоце Делчев. Тој е прекрасна приказна. Подоцна тој се жени со една од најубавите Бугарки во тоа време, Лора Каравелова, ќерка на Каравелов. Да ја завршам приказната за Пејо Јаворав. Тој се жени со неа и обрнете внимание на таа филозофија, која ние никогаш нема да ја сфатиме. Дента прават свадба, во црквата венчавка и одат во соба и доаѓа Лора и го гледа овој се преоблекол во комитско. Чекај, каде одиш, прва брачна ноќ? За Македонја, четата вечерва оди за Македонија. И ѝ вели, јас тргнав. Ја оставате најубавата Бугарка во тоа време и заминувате за Македонија. Заедно со Гоце Делчев, со нашата легенда. Подоцна Лора Каравелова се самоубива. Бугарскиот суд го обвинува Пејо Јаворов. Тој тоа не може да го поднесе, запаѓа во криза. Тодор Александров, една од најголемите фигури на Македонија, вие сметате дека е најголема, јас останувам на Гоце Делчев, па потоа сите други, меѓутоа небитно е сега тоа за овој разговор, Тодор Александров определува посебна група на луѓе да го чуваат Пејо Јаворов за да не изврши самоубиство. Тој сепак успева да дојде до некој пиштол. Првин пука, ослепува итн. Потоа пред да умре пишува писмо, жали затоа што не може да биде закопан во Македонија, туку ќе биде закопан таму каде што се коските на неговата Лора. И ова е една од најубавите и најтрагични приказни на овој простор. Внимавајте, прво - револуционерна, второ - љубовна приказна, трето - приказна што дава светло и за самиот Тодор Александров, кој кај дел од македонската популација, поради таа историска македонска пропаганда од времето на комунизмот кога беа избирани левите, па десните, не чинеа како Александров итн. и затоа што се смета дека е нарачател на убиството на Ѓорче Петров, кое ние го отфрламе. Меѓутоа, ние имаме една од најубавите приказни претставена преку човекот кој по потекло е Ерменец, се изјаснува како Бугарин, а е прв соработник на Гоце Делчев. И ние тоа не го знаеме.

Бугарите го знаат, па го кријат.

- Ве уверувам дека обичниот бугарски граѓанин не ја знае приказната. Целата приказна во детали јас ја имам пишувано и објавувано одамна. Мене не ме интересираше толку тој револуционерен дел на Пејо Јаворов, кој горе-долу е познат. Нели ги пишувал белешките, некаде во март 1903 се разделува со Гоце, не се гледаат веќе после тоа кога Гоце тргнува кај Ангиста да го крене во воздух тунелот и потоа оди во Солун на средба со Даме, оттаму оди за Пирин, поминува низ Баница и тука го убиваат итн. Не е битно. Но, љубовната прикзан на Јаворов, тој дел мене ме интересираше. Тоа ви велам, ние мора да ги знаеме тие луѓе приватно за да ги разбереме.

Мостовите јас ги викам, баш мостовите се тие.

- Вие имате човек што ја остава сопругата на првата брачна ноќ, заминува за Македонија, подоцна се самоубива. Тој умира заради Лора. Не може да живее без неа. Меѓутоа, пред да умре, тој, кој се самоубива заради Лора, не вели - закопајте ме кај неа. Тој вели - жалам што не може да бидам закопан во Македонија. Одете вие сега разберете го тоа и одете објаснете се со некој Љупчо Георгиевски или не знам кој за тоа дали сме биле србомани или ова и она. Не, меѓутоа, ние имаме проблем што не го отвораме тој дел, тоа да. Дека имаме проблем, што, на пример, кај нас нема гости, не само, како што реков, од Бугарија, туку и од другите земји. Тоа да. Знаете како, од друга страна, вие пак може да донесете десет српски пејачки или десет српски пејачи, или еве вчера разбрав за еден од современите најдобри српски поети, автор на љубовна поезија, кој ќе гостува во Скопје во октомври. И јас од петни жили уште од сега се обидувам да добијам интервју со него не е затоа што е Србин, туку затоа што е добар. Треба да го донесеме и Бугаринот, треба да го донесеме и Гркот и да кажеме овие се најдобри во својата област. Зошто ние не го постигнеме тоа ниво? Или вие можете да донесете оперска пејачка, какви што имавме ние интервјуа во МИА, ама пак ние го имаме Игор, ја имаме неговата сопруга Ана. Мора сите да ги собереме и да добиеме една целина, затоа што, во крајна линија, во интервјуто по повод две години Влада со премиерот Мицкоски, го прашав за една негова идеја. Тој вели во светот во наредните десет години треба да се инсталираат 40.000 теравати. Јас слабо ги разбирам тие енергетски термини. Тоа во пари изнесува толку и толку. Ако го обединиме Западен Балкан и да настапи пред тие светски инвеститори, да ги донесе тие инвестиции на Балканот, зборуваме, не знам, за 400 милијарди годишно, а сите земји од Западен Балкан годишно имаат 200 милиони евра БДП. Ако го обедините Западен Балкан, добивате бенефит. Поентата што сакам да ја доловам е - зошто тоа не го правиме и во делот на културата, во делот на уметноста, спортот итн. Сѐ уште имаме навивачи на „Црвена звезда“, на „Партизан“, ама ние не знаеме да наброиме пет клуба, на пример, од Грција. Иако сега можеби малку примерот не е соодветен затоа што спортот е на ниско ниво во сите овие земји, но тоа е поентата. Ние мораме тие односи да ги градиме за да ги разбереме тие луѓе и како што го употребив оној не баш добар термин, потоа на политичко ниво да имаме алатка да ги знаеме како размислуваат, да може да се справиме со нив и да го добиеме она што ние го сакаме и, во крајна линија, не на себеси, туку на целиот свет да му докажеме и кажеме: слушајте, ова не оди вака. Нѐ уценувате и не прифаќаме, ќе останеме, добро, ќе тераме сами. Ама тоа не значи изолација. Тоа е пак проблем. Пак доаѓаме на домашен терен, кој во интервју за МИА го истакна претседателката Сиљановска. Не можам да се убедам со опозицијата дека треба да бидеме единствени. Не може власта да вели нема Бугари во Уставот, без гаранција, а вие да им се нудите сами на странците. Со 120.000 гласа да му се нудите сами на Брисел - донесете нѐ нас на власт, ние ќе ги внесеме Бугарите. Да, ќе ги внесете, за шест месеци Бугарите ќе нѐ блокираат пак. И што ќе правите, што оправдување ќе имате тогаш?

Апсолутно се согласувам со тебе, Дарко, за оваа работа. Потполно исти ни се ставовите, верувај. Сакам да го чујам твојот став во врска со последниот скандал што се случи со дипломатската нота, која беше испратена од Македонија кон бугарското МНР со тоа дека е обелоденет документ што ја загрозувал безбедноста на семејството на претседателот на Владата на Република Македонија?

- Прво, тоа беше недостоен потег на бугарската власт. Она што мене ме интересира, меѓутоа и тоа го прашав претседателот на Владата на интервјуто на МТВ, добро, кој е мотивот? Кога нешто правите, треба да имате идеја дека од тоа ќе добиете некаков бенефит. Прво, тоа не е можно, според мене, без знаење на Јотова и на Радев, без нивен неформален амин. Нема тие да напишаат документи со нивен потпис и да кажат - објавете за сопругата на Мицкоски и за син му, но без нивен амин тоа не е можно. Кога правите такво нешто, треба да знаете кој е бенефитот од тоа, кој е профитот? Во крајна линија, кога некаде вложувате пет денари, очекувате да добиете еден плус, значи шест. Така што, кој е овде бенефитот? Што кога сте го направиле овој скандал и на тој начин сте ја изгубиле довербата, колку и да е добронамерна нашата политичка гарнитура. Не може вие да објавувате за мојата сопруга кај била или што правела, а јас сум премиер на оваа држава. Претставувам, не знам, 1,8 милион или колку веќе како народ нѐ има. Ги напаѓате со тоа тие 1,8 милион луѓе, ги напаѓате нивните сопруги, нивните деца преку мене. А што добивате? Ништо. И одговорот на премиерот беше, не можам да кажам ништо друго, освен дека станува збор за ниски страсти. Какви ниски страсти, тогаш, чекај малку? Со кого ние имаме работа и што треба ние сега да направиме за некој кој задоволува ниски страсти. Нема мотив. Кој е мотивот да направите такво нешто? Затоа што во тие дипломатски кругови тоа е сепак некаков скандал и тоа сериозен.

Довербата во институциите се руши?
 
- Вие се доведувате во ситуација сега, на пример, сакате да разговарате неформално со некој бугарски висок претставник, нема да си дозволите. Затоа што не знаете дали наместил пред тоа да ве прислушува, дали тоа утре ќе излезе во јавност. Или во крајна линија, од тој муабет, од тој разговор, да направат утре, задутре, како велат, како беше она: сечено, лепено, монтирано. Да ви спојат реченица што нема врска со тоа што го размислувате или, на пример, во тие разговори може да примените тактика - да изгледа дека одоброволувате нешто што не е прифатливо за македонската јавност, меѓутоа сметате дека зборувате во затворена соба. Да примените тактика да видите како тој ќе реагира. Тие тоа утре може да го извадат и да кажат - не, еве за што тој се залагаше. Немате доверба веќе во него, како ќе разговарате сега со него, освен ако тоа не е пред десет камери и јавно, ама тогаш нема разговор, не можете да се договорите, нема суштина. Тогаш внимавате на секоја запирка, на секој извичник итн. лв/паг/

ФОТО: Принтскрин