• недела, 22 декември 2024

Јаневска: Градиме поквалитетен образовен систем и добиваме значајна поддршка од организациите на Обединетите нации

Јаневска: Градиме поквалитетен образовен систем и добиваме значајна поддршка од организациите на Обединетите нации

15 ноември 2024

Министерството за образование и наука има одлична соработка со организациите на Обединетите Нации и среќна сум што ја продолжуваме, со јасна визија за целите кои треба да се остварат до 2030 година. Ова е период во кој треба да ја модернизираме образовната инфраструктура, да го дигитализираме образованието, а младите преку подолг престој во училиште и вклученост во активности кои ги интересираат, да стекнат вештини кои пазарот на човечки капитал ги бара.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска за време на денешниот состанок на високо ниво за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030) помеѓу Македонија и Обединетите Нации.

„Со вака поставен образовен систем, нашите млади до 15 годишна возраст имаат 900 часови помалку од европскиот просек. Имаме намера подолго да ги задржиме на училиште и затоа воведуваме едносменска настава и продолжен престој, исполнети со нови наставни и воннаставни содржини, нови изборни предмети од интерес на младите, а не сосила наметнати“, рече Јаневска.

Министерката додаде дека започната е реформа на гимназиското образование, која ќе го подобри квалитетот и ќе обезбеди поголема проодност кон високото образование, а за оваа цел, веќе се консултираат наставниците и учениците од повисоките години во гимназиите. Посочи дека ќе се донесе нов закон и нова Концепција за средно образование, како и Национални стандарди за постигањата на средношколците.

„Веќе работиме на унапредување на пошироката законска регулатива, не само во средното, туку и во основното, неформалното, учебниците и така натаму. Предложивме промени ќе го подобрат квалитетот на образовните услуги и ќе ги зголемат можностите, а најважно е што ќе овозможат мирна, хармонична и безбедна училишна средина, во која нема да постои сегрегација и дискриминација по ниеден основ“, додаде министерката.

Домашниот и глобалниот пазар на човечки капитал наметнуваат потреби од одредени вештини, на кои ќе ги насочуваме младите - трансферзалните, дигиталните и зелените вештини, заради што, Јаневска информираше дека ќе треба да се дополнуваат наставните програми по одредени предмети.

„Особено ги издвојувам дигиталните вештини. Младите мора да знаат да користат нови технологии, да знаат што е вештачка интелигенција и како да ја применат за да остварат интерес кој е во согласност со етичките и моралните норми“, додаде министерката за образование и наука.

Еден од приоритетите на МОН во следниот период, за кој ќе се бара поддршка од организации на Обединетите нации е дигитализацијата на образовниот процес и на услугите кои ги нудат институциите и образовните установи, а како што кажа министерката, националните определби доследно ги почитуваат меѓународно ратификуваните документи поврзани со дигитализацијата.

Очекувањата се дека во следниот период ќе има значителен раст на инвестициите во нови училишта, во реконструкција и во опремување на постојните, затоа што Владата има намера етапно, во текот на мандатот значително да го зголеми буџетот за овој ресор. Поддршка на оваа активност ќе биде процесот на оптимизација, со кој, нефункционалните училишта повеќе нема да прават огромни издатоци, а заштедените средства ќе се реалоцираат за подобри услови во функционалните школи.

Јаневска се заблагодари за досегашната поддршка од организациите на Обединетите Нации и изрази очекувања за зачестени средби со висока ефективност, заради остварување на новата рамка за соработка до 2030 година.

Министерство за образование и наука

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан