Јамалов: Македонија одлучно инвестира во безбедноста и сигурноста на граѓаните
- Пратеникот на Пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Александар Јамалов на денешната прес-конференција истакна дека Предлог-буџетот за 2026 година е јасен доказ дека државен приоритет е зајакната безбедност, јакнење на владеењето на правото, сигурни граници и современ безбедносен систем.
Скопје, 21 ноември 2025 (МИА) - Пратеникот од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Александар Јамалов на денешната прес-конференција истакна дека Предлог-буџетот за 2026 година е јасен доказ дека државен приоритет е зајакната безбедност, јакнење на владеењето на правото, сигурни граници и современ безбедносен систем.
Јамалов нагласи дека Македонија одлучно инвестира во безбедноста и сигурноста на своите граѓани, како и во борбата против криминалот.
-Посебно задоволство ми да ви го претставувам предлог-буџетот за Министерството за внатрешни работи за 2026 година. Финансиски план со цел да ја модернизира полицијата и да ја подигне оперативната готовност на повисоко ниво, а со тоа да обезбеди поквалитетни услуги за сите. Само во програмата „безбедност“, за идната година предвидени се 16,4 милијарди денари, што претставува зголемување во споредба со овогодинешниот буџет. Додека пак потпрограмата „јавна безбедност“ добива 14,55 милијарди денари, што е драматично зголемување од 17,9 отсто, односно дополнителни 2,2 милијарди денари. Повисоки се и средствата предвидени за плати и надоместоци, за што се предвидени 11,3 милијарди денари, односно 3,7 отсто повеќе. Јасна порака дека државата инвестира во стабилноста и сигурноста, рече Јамалов.
Потенцира дека преку предлог буџетот јасна е и намерата на Владата дополнително да ги унапреди и професионализира полициските служби. Посочи дека за реформи во полицијата се предвидени 1,24 милијарди денари.
-Центарот за обука добива 75 милиони денари, за континуирано стручно унапредување на кадрите. Додека, пак, за борба против тргување со луѓе и илегална миграција се предвидуваат 1 милион и 250 илјади денари, што е зголемување од 25 проценти, директно насочено кон јакнење на контролата врз тоа, кој се поминува низ Македонија. Нај значително зголемени вложувања има во опрема, нови возила, современи технолошки системи и модернизирани простории, клучни за поефикасно и модерно функционирање на МВР, а со тоа и зголемен морал и елан кај полициските службеници, рече пратеникот Јамалов. фф/вј/
Фото: Принтскрин од видео