• недела, 22 декември 2024

Јавна дебата: Од понеделник нема носење отпад на Русино, иднината ќе се одредува на референдум

Јавна дебата: Од понеделник нема носење отпад на Русино, иднината ќе се одредува на референдум
Гостивар, 28 јули 2020 (МИА) - Општината ќе ја спушти рампата за камионите на комуналните претпријатие од другите општини кои носат отпад на регионалната депонија Русино. Оваа одлука ја соопшти градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари на јавната дебата која вечерва се одржа во летниот амфитеатар. На дебатата беше напоменато дека решението треба да биде по волја на народот, а за тоа може да се распише и референдум. Дебатата ја организираше локалната самоуправа по неколкуте пожари кои се случија изминативе два месеци и по протестот на Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“. Покрај граѓани, еко активисти, во расправата учествуваа и претставници на повеќе државни и локални институции. Повеќето од граѓаните во дискусиите ги критикуваа властите дека недоволно се грижат за здравјето на луѓето и дека наметнуваат решенија кои се штетни и неодржливи на подолг рок. Повеќето беа недвосмислени во барањето, депонијата да се затвори. – Ова е многу значајно, бидејќи за работите кои се однесуваат на граѓаните јавно се дебатира. Тоа досега не се правело. Поканивме компетентни луѓе за да дадат одговори. Вечерва расчистивме и многу дилеми. По дебатата дојдовме до заклучок дека Русино ќе биде отворено само за отпадот од општина Гостивар. За ваквиот исход им најавив и на колегите од Врапчиште и Маврово Ростуше да не праќаат камиони со отпад, рече Таравари. Тој напомена дека во наредниве денови ќе се разгледаат можностите за да се организира и референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали Русино и натаму ќе опстои како регионална депонија. Еко активистите и поддржувачите на Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ најавија од недела ќе го блокираат патот кон депонијата, а од локалната самоуправа побараа да преземат мерки да се изгасне огнот кој гори на депонијата и да се спречи повотрно палење. згм/дма/

Остани поврзан