• четврток, 21 ноември 2024

Јавна дебата на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани: Власта никој не ја овластил да менува Устав

Јавна дебата на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани: Власта никој не ја овластил да менува Устав

Кочани, 4 октомври 2023 (МИА) – ВМРО–ДПМНЕ попладнево во Кочани ја одржа првата јавна дебата во рамки на караванот „Важно е, од тебе зависат промените“ што партијата во наредниот период ќе го реализира низ градовите во државата.

По мотото „И Европа и Македонија, за интеграција и идентитет“ на дебатата говореше пратеничката Гордана Силјановска Давкова, при што се осврна на актуелната политичка ситуација, односно за менувањето на Уставот и европскиот пат на државата.

- Намерно ќе земам два примери околу честото менување на Уставот. Замислете Уставот на САД е донесен во 1787 година и досега доживеал 27 амандмани. Инаку Уставот на САД има само седум члена. А, ние за 30 години имаме 36 амандмани и сега предложија уште три амандмани. Немало во историјата Устав којшто уште само што бил донесен, нашиот уште во 1992 година ја доживеа првата измена, и тоа повторно на барање однадвор. Што беше образложението? Дека ако напишеме во Уставот дека немаме територијални претензии кон соседите, нема да имаме проблем, и тоа го побара Бадинтеровата комисија, истакна Силјановска Давкова.

Пратеничката нагласи дека никој не ја овластил власта да менува Устав и за тоа треба да се праша народот. Посочи дека ако се прочитаат фундаменталните документи на кои се темели ЕУ ќе се забележи дека она што е најважно во нив не се организациската структура и нормите, туку темелните вредности и принципи.

- Не може вие да правите пазар без мандат, без легитимитет, со нешто што припаѓа само и само на народот. А, тоа го прават овие луѓе од власта. Ние само бараме тоа што е втемелено да важи и за нас, нагласи Силјановска Давкова.

На трибината во Кочани зборуваше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски кој нагласи дека Владата на СДСМ и ДУИ не го заштитува националниот интерес на Македонија, туку води попустлива надворешна политика на принципот сè што ќе им побараат, да го удоволат.

Обраќајќи се на трибината, универзитетскиот професор Александар Спасеновски истакна дека реалноста во којашто живееме зборува за уникатната ситуација во којашто се наоѓа државата, од која сè се бара да исполни одредени критериуми и обврски коишто претходно не биле побарани од другите земји членки на ЕУ. та/ир

Фото: МИА

Остани поврзан