• сабота, 21 декември 2024

Јавен протест и марш во Тетово по повод две години од пожарот во модуларната болница

Јавен протест и марш во Тетово по повод две години од пожарот во модуларната болница

Тетово, 8 септември 2023 (МИА) – Семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна болница денес организираа јавен марш и протест. Тие не се задоволни со завршениот судски процес и бараат да има нова истрага, со која, како што велат да се докажат вистинските виновници.

- Семејствата бараме правдата да излезе на виделина. Новинарите на ИРЛ објавија вистински кој е виновен, а кој не е виновен. Овде ние бевме ние на сите рочишта, немаше правда. Од почетокот ние кажавме дека во оваа држава нема правда. Јас сум бил од почетокот на ова судење, гледав дека нема правда. Беа осудени три лица, не викам дека не се виновни тие. Ама виновни се гледа кој е. Државата молчи, денес тие слават, денес не дојдоа кај нас да видат дека 14 лица живи загинаа таму. Јас сум бил со мајка ми во соба број 3 и од таму почна огнот. Не знам ни јас како седам овде. Ние ќе бараме нова истрага, со протестите ние ќе продолжиме понатаму, изјави Мумин Исмаили, кој во пожарот на 8 септември 2021 година ги загуби братот и мајката.

Семејствата и граѓаните се собраа на местото каде што порано беше модуларната болница од каде имаше обраќање со цел да се спомене трагичниот 8 септември во 2021 година и тоа што се случи на тоа место.

-Денес цела земја слави, а ние се собравме да им оддадеме спомен на членовите на нашите семејства кои беа изгорени пред две години овде во модуларната болница. И денес, како и пред две години, сè уште ни се свежи сеќавањата на нивните вресоци и плачот. Беа изгорени пред нашите очи и бевме немоќни да ги спасиме. Тие денес не се меѓу нас само затоа што не се почитува градежните стандарди. Се обидоа да не исплашат и замолчат вреднувајќи ги нивните животи со неколку илјади евра, а се обидоа да ги скријат вистинските виновници за оваа трагедија, истакна Мумин Исмаили во име на семејствата.

Во обраќањето беше потенцирано дека граѓаните немаат доверба во правосудниот систем.

-Корупцијата убива! Сите политичари зборуваат за интеграција во ЕУ, но човечкиот живот не се почитува. Има 14 жртви, нула дена затвор. Судството и обвинителството се бранители на организираниот криминал, корупцијата, злото и олигархијата. Игнорирањето на германската експертиза само за да се амнестираат вистинските виновници е скандал на судскиот систем. Како членови на семејствата, итно бараме: Да се отвори судска постапка за причините за пожарот, повторно постапување и преиспитување на решенијата од прелиминарниот претрес во судот во Тетово. Разрешување на главниот обвинител Јовевски, заедно со главниот обвинител во Тетово Бесир Алиу, и обвинителите Зорица Павловиќ, Дејан Петрески, Ханефи Амети и другите, рече Мумин Исмаили.

Групата граѓани потоа маршираше од модуларната болница, одзади Клиничката болница кон булеварот „Благоја Тоска“, кон пазарот, Центарот за култура, плоштадот и застанаа кај судот. По истакнување на барањата завршни протестниот марш. ас/ир

Фото: МИА

Остани поврзан