• среда, 25 март 2026

Јавен повик за прибирање средства за стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“

Јавен повик за прибирање средства за стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“

26 септември 2025

Сојузот за младинска работа (СМР) објави јавен повик за прибирање средства за стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“, наменета за последипломски студии по младинска работа на Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,

Стипендијата е востановена во чест на Билјана Василевска Трајкоска – истакната активистка и лидерка во областа на младинската работа, која со својата визија, посветеност и енергија даде значаен придонес во развојот и професионализацијата на младинската работа во нашата земја. Таа остави инспиративно наследство од иницијативи, промени и ангажман во заедницата, кое и денес ги мотивира младинските работници и организациите ширум државата.

Со доделувањето на оваа стипендија, СМР не само што оддава признание на делото на Билјана, туку и ја потврдува долгорочната заложба за создавање нови генерации младински работници кои ќе ја негуваат и надградуваат нејзината мисија.

Со поддршката од граѓаните, организациите, претставници од бизнис заедницата и сите останати поддржувачи ќе се овозможи:

· Младите да продолжат со последипломски студии по младинска работа;

· Создавање нови професионалци кои ќе го унапредат системот на младинска работа;

· Продолжување на визијата и инспирацијата на Билјана Василевска Трајкоска на следни генерации младински работници.

Ве информираме дека на повикот за доделување на стипендијата се пријавија 6 кандидати (двајца повеќе од последниот пат) – бројка што нè мотивира да се обидеме да обезбедиме и повеќе од една или две целосни стипендии. Одборот за доделување на стипендијата составен од пет члена (претставник од семејството и соработничка на Билјана; претставник од Националниот младински совет на Македонија – НМСМ; ProPeace; претставник од Управниот одбор и од Секретаријатот на СМР), веќе ги разгледа апликациите и закажа интервјуа со кандидатите, кои ќе се реализираат во текот на следната работна недела.

Ги повикуваме сите поединци, организации, компании и поединци кои ја препознаваат важноста од развојот на младинската работа и младинските работници да се приклучат кон оваа иницијатива и да дадат свој придонес – преку соработка, поддршка или споделување на информацијата. Јавниот повик е достапен на овој линк.

Сојуз за младинска работа

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан