• вторник, 17 декември 2024

Ѕиѕикостас, Фито и Захариева меѓу „најдобросточеките“ кандидати за еврокомесари 

Ѕиѕикостас, Фито и Захариева меѓу „најдобросточеките“ кандидати за еврокомесари 

Брисел, 4 октомври 2024 (МИА) – Гркот Апостолос Ѕиѕикостас, Италијанецот Рафаеле Фито и Бугарката Екатарина Захариева пријавиле најголем имот во декларациите за имотната состојба што кандидатите за членови на новата Европска комисија ги доставиле до Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, кои протекоа во јавноста. 

Врз основа на овие декларации, членовите на Комитетот за правни прашања (ЈУРИ) треба да проценат дали некој од предложените еврокомесари би можел да има евентуален судир на интереси поврзани со неговата сопственост или професионални и приватни врски. 

Според доставените протечени декларации, кандидатот за еврокомесар за одржлив транспорт и туризам, актуелниот гувернер на грчкиот регион Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас пријавил најимпресивна листа на имоти, од која произлегува дека во негова делумна или целосна сопственост има 16 станови, земјиште со површина од 655.463 квадратни метри, шест продавници и неколку гаражи и складишта низ цела Грција. Тој, исто така, поседува и акции во вредност од над 200.000 евра во различни бизниси - од фабрика за млечни производи, до фотоволтаична централа, а за неговите фарми добил и над 18.000 евра средства од европските фондови за земјоделство. Инаку, семејството на Цицикостас е меѓу најголемите земјопоседници во Грција и меѓу најбогатите во северниот дел на земјата. Имајќи предвид дека во надлежност на Ѕиѕикостас е и ресорот туризам, како што наведува „Политико“, можно е некои од неговите одлуки да влијаат на вредноста на неговите имоти.  

Италијанскиот министер за европски прашања и кохезивна политика Рафаеле Фито, кој е кандидат за потпретседател на ЕК одговорен за кохезија и реформи и еврокомесар за кохезивна политика, поседува седум станови, а има удел во сопственоста и на три други. Ширум Италија има и земјиште, две гаражи, една визба, како и 15 отсто од сопственоста на аптека во Бриндизи, чија вредност, според него, е околу 150.000 евра. 

Поранешната министерка во неколку бугарски влади и кандидатка за еврокомесарка за истражување и иновации, Екатерина Захариева, поседува земјишта и две куќи во Бугарија, стан во Софија, како и викендичка на грчкиот полуостров Халкидики на парцела од 6.850 квадратни метри. 

Поранешната словенечка амбасадорка во Германија и Швајцарија и кандидатка за еврокомесарка за проширување Марта Кос пријавила заштеда од околу милион евра. Но, она што привлекува внимание во нејзината декларација е работењето како советник во бриселската лобистичка куќа „Креб“, а таа имала и сопствена фирма за лобирање во Швајцарија, која вршела лоби услуги и за Европската фудбалска федерација УЕФА. Дополнително, нејзиниот сопруг Анри Гетаз е поранешен генерален секретар на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА). 

Европратеничката и поранешна романска министерка за европските фондови Роксана Манзату, која е номинирана за извршна потпретседателка на ЕК задолжена за вештини и стручно оспособување на луѓето и за еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права, е основачка на консултантска куќа за помош на фирмите за пристапат до фондовите на ЕУ, но во 2022 година ја пренела целосната сопственост над субјектот на друго лице, со најава за суспензија на неговите активности. Сепак, консултантска куќа остварила приходи и во 2023 година, чија висина Манзату не ја пријавила. 

Поранешната естонска премиерка и кандидатка за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и бебзедност Каја Калас пријавила дека има банкарски сметки и заштеди, додека делот за финансиски интереси на сопружниците или партнерите го оставила празен и покрај контроверзиите кои се појавија минатата година околу акциите што ги поседува нејзиниот сопруг во четири компании и неговите бизнис врски со Русија.  

Кандидатката со еврокомесарка за финансиски услуги, штедење и инвестиции Марија Луиш Албукерке, која е поранешна португалска министерка за финансии, но и вршителка на раководни функции во неколку приватни финансиски групации, пријавила удел во сопственоста на повеќе компании. Сепак, како што наведува „Политико“ во декларацијата таа не навела дополнителни детали за сопственичката структура или приходите на консултантската куќа „Раундатмосфер“, која е во нејзина и сопственост на нејзиниот сопруг. Компанијата лани остварила приход од 170.000 долари, а во 2022 година од 132.000 долари.  

Актуелниот еврокомесар за трговија и кандидат за еврокомесар за економија, продуктивност, имплементација, Летонецот Валдис Домбровскис доставил речиси празна декларација со образложение дека веќе 10 години е член на Европската комисија и не останало ништо што досега не го пријавил. 

- Донесов свесна одлука да не инвестирам во никакви акции или обврзници на компании или слични инструменти, за да избегнам каква било перцепција за можен судир на интереси, ниту пак имам извршено комерцијални трансакции, изјави Домбровски за „Политико“. 

Слично како и Домбровскис, и поранешниот француски министер за надворешни и европски прашања и кандидат за извршен потпретседател на ЕК за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустријата, мали и средни претпријатија и единствениот пазар, доставил „штура“ декларација од која не може многу да се дознае за неговите финансиски средства или обврски. 

Во слична состојба е и декларацијата на актуелниот потпретседател на Европската комисија за зелениот договор и за меѓуинституционални односи и кандидат за еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Словакот Марош Шефчович. 

Кога станува збор луксембуршкиот европратеник Кристоф Хансен, кој е кандидат за земјоделство и храна, интересно е дека тој од 2015 година е претседател на Здружението за одгледување мали животни, а негова роднина е актуелна министерка за земјоделство на Луксембург. Покрај ова, сопругата на Хансен е асистент во Кабинетот на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. 

Европратеникот и поранешен литвански премиер Андриус Кубилиус, кој е предложен за комесар за одбрана и Вселената, во 2019 година бил коосновач на Форумот на пријатели на европска Русија, асоцијација кој ги поддржува руската опозиција и граѓанско, а членува и во здружение кое важи за критички настроено кон Кина. Од 2016 до 2019 година бил член и на Одборот на советници на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ), невладина организација која добива средства од федералниот буџет на САД за помош во развој на демократските механизми во земји ширум светот.  

Шпанската министерка за еколошка транзиција Тереза Рибера, кандидатка за извршна потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за конкурентност, важи за некој кој е „добро поврзан“ со над 10 меѓународни невладини организации, тинк-тенкови и агенции кои се занимаваат со климата и животната средина.  

Врз основа на проверката на доставените декларации, Комитетот за правни прашања на ЕП може да одбие некоја номинација на кандидат за еврокомесар доколку утврди дека тој има судир на интереси. Официјалната оценка за декларациите започна вчера, откако три дена претходно членовите на ЈУРИ ги добија на увид изјавите на кандидатите за еврокомесари.  

Според правилата, декларациите треба да вклучуваат информации за професионалните ангажмани на кандидатите во минатото, детали за нивната имотна состојба, заштеди, приходи и сопственост во компании, како и за членство во тинк-тенк организации, политички партии или невладини здруженија. Целата на деталното прикажување на имотот е да се утврди дали некој кандидат има стекнато богатство од извори кои не потекнуваат од нивната плата или легални приходи. Кандидатите треба да ги достават овие информации и за нивните партнери и деца, но не и за другите членови на нивните семејства. Правилата се доста флексибилни, па им овозможуваат на кандидатите и да не одговорат на некои прашања во декларациите ако сметаат дека не постои судир на интереси. 

Инаку, декларациите се тајни и нивното разгледување и оценка се одвива зад затворени врати, што остава простор за разни шпекулации околу објективноста во проценувањето. 

Според директор на Транспаренси Интернешанл за ЕУ, Николас Ајоса, целиот процес на оценка на декларациите има длабоки недостатоци, лишен е од транспарентност и е невозможна нивна проверка. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан