Ѓорѓиевски: Поддршката на зелени политики е клучна за одржлив развој и унапредување на квалитетот на животот
- Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денеска остварил работна средба со министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на која присуствувале и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу и директорката Душица Перишиќ.

Скопје, 17 април 2025 (МИА) - Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денеска остварил работна средба со министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на која присуствувале и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу и директорката Душица Перишиќ.
Министерот Меџити, како што соопштија од Кабинетот на Ѓорѓиевски, ги презентирал критериумите и условите од Конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализација на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2025 година. Средствата се наменети за важни еколошки инфраструктурни проекти, како што се изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи, системи за одведување и пречистување на отпадни води, како и за водоводни системи со цел заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите.
Покрај презентацијата на критериумите за аплицирање, на средбата се разговарало и за клучни прашања поврзани со унапредувањето на локалната самоуправа – за процесот на децентрализација, за потребата од зголемување на дотациите кон општините, за зајакнување на нивната финансиска независност, како и за унапредување на експедитивноста во сите административни процеси во државата. Дополнително, биле отворени теми за понатамошно развивање и поддршка на зелените политики на локално и национално ниво, со посебен акцент на главниот град.
Претседателот на ЗЕЛС нагласил дека овој конкурс претставува значајна можност за општините да обезбедат средства за проекти што директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на животната средина и условите за живот на граѓаните.
-Ги повикувам градоначалниците на сите општини да ја препознаат важноста на оваа можност и да аплицираат со конкретни, издржани и добро подготвени проекти. Инвестирањето во еколошка инфраструктура е инвестиција во здравјето на нашите сограѓани, во одржливиот развој и во иднината на нашите општини. Грижата за чисти води, заштитени природни ресурси и здрава животна средина не смее да биде избор – тоа е обврска што сите заедно мораме одговорно да ја носиме. ЗЕЛС ќе остане партнер и поддржувач на сите општини во овој процес и ќе работиме заеднички на јакнење на локалните капацитети за планирање и реализација на вакви проекти, истакнал Ѓорѓиевски.
Тој додал дека ќе продолжуват силно да се залагаат за поголема финансиска самостојност на општините, за унапредување на децентрализацијата, за зголемена експедитивност во сите институционални постапки, како и за промовирање на зелени политики што ќе придонесат кон почиста и поодржлива животна средина.
-Само преку заедничка акција ќе успееме да изградиме почисто, позелено и подобро место за живеење за сите наши граѓани, додал Ѓорѓиевски. дма/са/
Фото: Кабинет на Орце Ѓорѓиевски