• петок, 22 ноември 2024

Ѓорчев: Бугарскиот клуб ќе беше мост на пријателство ако беше именуван по личности со неспорен демократски капацитет

Ѓорчев: Бугарскиот клуб ќе беше мост на пријателство ако беше именуван по личности со неспорен демократски капацитет
Скопје, 18 април 2022 (МИА) - Република Македонија го има достигнато еден од највисокиот стандарди во Европа во однос на почитување на малцинските права. Именувањето на бугарскиот клуб со името Ванчо Михајлов, кој е осведочен соработник на фашистичките режими во Хрватска и Италија, човек чие политичко кредо е политичко насилие и терор, и тоа е забележано не само во Бугарија туку и ширум Европа, значи дека се поткопува и максимата за заедничка историја. За каква заедничка историја зборуваме кога македонската антифашистичка борба и третиот Рајх на Бугарија се две спротивставени страни во историјата. Ова е провокација од Бугарија, изјави поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев. - Бугарскиот клуб можеше да се именува по Андреј Љапчев, ресенчанец, бугарски општественик и еден од најпочитуваните бугарски премиери или по Симеон Радев, од битолскиот округ, дипломат и писател, личности кои, не се спорни со својот демократски капацитет и да се покани и македонскиот државен врв, и тоа ќе беше мост на пријателство. Ова е злоупотреба на името на спорна личност. Михајлов беше осуден и во царска Бугарија со повеќе пресуди, и затоа избега од Бугарија, наведува Ѓорчев во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител коментирајќи ги настаните кои викендов се случија во Битола. Според него, не е можно некој наш висок државен претставник да отвори македонски клуб во Бугарија, бидејќи смета дека тоа би предизвикало големи протести од многу политички партии со можност за секакви ескалации.
- Правото на собир од средината на 90-тите е дозволено за нашето македонско малцинство во Мелник за чествување на Јане Сандански. Тој начин на чествување на Сандански или на Кресненското востание, мислам дека досега немало проблем, но во делот на отворањето на македонски културен клуб со провокативни имиња, како што би било името на Ѓорги Димитров, легенда на антифашистичката борба, не би го дозволиле, посочи Ѓорчев додавајќи дека нашата вистинска македонска вредност е тоа дека ние сме дел од европската антифашистичка борба.
Тој оценува дека македонските власти требало да реагираат многу поубедливо и да им стават до знаење на припадниците на бугарското малцинство во земјава дека мора да ја почитуваат македонската држава. Подобрувањето на правата да ги бараат во директен контакт со македонските институции (Владата, Собранието, Претседателот), како што е правото да бидат впишани во Уставот, а не со мешање на бугарската политика во внатрешните работи на земјава, вели Марјан Ѓорчев. вг/нд/
 

Тагови

Остани поврзан