• петок, 22 ноември 2024

Ѓоргиев: Односот кон театарот треба да биде одговорен

Ѓоргиев: Односот кон театарот треба да биде одговорен
Скопје, 18 јули 2021 (МИА) - Тетарот со неговата бесмртност и безвременост дава и обврски. Треба да го разбереме како еден брод, кој гордо плови по театарските ширини. Затоа, нашиот однос треба да биде одговорен, дали секогаш заслужуваме билет за тој брод и колку чини тој билет. Времињата се толку променети и не останува само актерската или театарската желба да сме присутни во нашите институции. Многу е важен односот како ние му враќаме на театарот. Така ја опишува својата посветеност на „даските што значат живот“ Кире Ѓоргиев, актер и режисер во струмичкиот театар „Антон Панов“ и долгогодишен создавач на младинската и аматерската сцена во регионот. Лани тој одбележа јубилеј четириесет години на театарската сцена, но и понатаму со ист жар и љубов зборува за театарот и за неговата посветеност на аматерската сцена. Голем дел од вашите повеќе од 40 години во театарот се посветени на аматерската и младинската сцена. Досега колку аматерски претстави сте подготвиле? - Театарот не е само љубов, туку пред се е обврска. Додека можам ќе работам. Имам над 110 професионално одиграни претстави во мојата институција и 35 режии, од кои шест се во НТ „Антон Панов“, а триесетина во драмски студија, аматерски, во драмски секции во училиштата, во домовите на културите во регионот. Оваа бројка ме обврзува и сите настапи и работа со млади актери како режисер е само дополнително исполнување на тоа што не сум можел да го заокружам во театарот. Се трудам страста кон Талија да ја задоволам со режисерски и драматуршки адаптации во други форми на театарот. Вашата последна професионална режисерска постановка е „Умри машки“ во струмичкиот театар, а последна на аматерската сцена е „Марта“ од Горјан Петревски во Ново Село. Може ли да се направи паралела меѓу двете, со оглед на тоа што професионалната претстава е една од најгледаните претстави на театарот во последно време, а последната аматерска е поставена пред дваесетина денови? - Мојот лански јублеј го заокружив со една млада, но и зрела екипа со концептот на „Умри машки“ од Алдо Николај. Го работев пред десет години, но сега се појавивме во едно урнебесно и фасцинантно издание и со бравурозна актерска игра на младите колеги. Во најголем дел се колеги кои произлегле од аматерската сцена со кои порано сум работел. Тие многу ми помогнаа да го донесам Алдо Николај во една тесна врска со публиката. Ако правам паралела со последната претстава „Марта“, која ја работев во Домот на културата во Ново Село, со помош на оваа институција и на Министерството за култура, тогаш за мене одговорноста е поголема кога се работи со една млада екипа, каде младоста е збогатена со една огромна љубов кон театарот. Тоа мене ме обврзува да бидам во полна функција на актерите. Факт е дека младинската сцена нема некој континуитет во Струмица. Ваше мислење, зошто е така? Дали театарот тешко се приближува кон младите или младите тешко доаѓаат во театарот? - Младите сакаат да доаѓаат во театарот, сакаат да има младински сцени, сакаат да има алтернативни форми. Ова беше подзаборавено петнаесетина години и затоа Министерството за култура прави огромни напори тоа да го врати, значи дека играта или учеството на тој голем набој кој го има во младите кон театарот не беше искористен. Сега полека се враќа, пред се со голем број на млади кои се тетарска публика. Младинските сцени се извор на идна публика и пред се извор на професионални актери. Во нашиот театар со новата управа се враќа младинската сцена, која пред 15 години имаше една одлична претстава, а оттогаш до денес нема друга. Од таа претстава излегоа тројца одлични актери, од кои еден работи во МНТ и двајца кај нас. Прашањето за младинската сцена или како што велам јас изворот на театарот и на неговата енергија треба да биде со должно внимание задржан. Пред десетина денови потпишавте договор за соработка со театар од Јагодина, Србија. Тое е театар која ги негува младинската и алтернативната сцена. Ќе биде ли тоа поттик за успешна работа струмичката младинска сцена? - Гостувањето на театарот од Јагодина е токму во функција на обновувањето на младинската сцена. Нам ни беше потребно тоа гостување, бидејќи порано јас со мои престави сум гостувал таму, на меѓународниот ДОПС фестивалот во Јагодина и сме освојувале многу награди. Нашата инстутиција потпиша меморандум за соработка со оваа институција за гостување на претстави и размена на актери и режисери. Во текот на вашата кариера создадовте многу актери, кои и денес се познати во државата и надвор од неа. Имате ли некоја статистика колку се, каде се, играат или не? - Тоа се мои дамнешни пријатели. Не значи дека врската со младинската сцена завршува по одигрувањето на претставата, напротив тие врски и понатаму се продлабочуваат со театарски содржини. Впрочем, „Умри машки“, „Бледица“ и многу други претстави тоа го докажаа. Имам некоја бројка од 13-14 актери кои професионално се анагажирани во некој од театрите. Моментно имам двајца кои се запишани на студии по режија во Софија, од кои едната е од Струмица, а другата од Валандово. Од некогашните аматери произлегоа многу доктори, инжинери, многу лични пријатели и сум горд што се уште на „ти“ ми се обраќаат. Тоа е богатството кога нашиот спонтан труд кој го имаме вложено во тие допирни точки во градењето театарот изнедрија луѓе кои се исполнети и со театарот и со своите успешни кариери. Во услови кога струмичкиот театар нема сопствена тетарска сцена, мислам на новиот театар кој се гради од 2014 година, дали тоа е хендикеп или со своја сцена интересот за вклучување на младите во театарот ќе биде поголем ? - Посебниот театарски простор е одлична идеја. Јас сум можеби последен од актерите и од вработените во театарот, кој својата кариера ја има започнато во старата театрска зграда и таму сум одиграл неколку сезони во невозможни услови-кога театарот беше затворен, кога преживуваше турбуленции, па дури и размислувања тој да се затвори, односно Струмица да нема театар. Јас сум еден од тие кога како студент на Правниот факултет бев побаран од театарот во осумдесеттите години на минатиот век за да работам таму. Занаетот го учев од многу актерски и режисерски величини на струмичкиот театар. За мене НУЦК „Антон Панов“ има простор за остварување на театарската дејност, но сметам дека народниот театар треба да биде во сопствен објект, бидејќи посебноста на театарот му ја дава неговата независност. Блиску сте до пензионирање. Ќе се оддалечите ли од театарската сцена или и понатаму ќе останете верен на даските што значат живот ? - Даските што значат живот мене ме донесоа во театарот. Во изминатите повеќе од 40 години на нив ме одржувала љубовта и предаденоста кон сцената. Театарот никогаш не умира, тој е жив. Се надевам дека ќе продолжам да работам, секако не активно бидејќи законски не можам, но со работата со младите и поставување на мои адаптации и режисерски постановки нема да престанам. Ристо Тасев

Остани поврзан