Шји Џјинпинг: Кина и Финска заедно за заштита на меѓународниот поредок
- Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска изјави дека Кина е подготвена да соработува со Финска за решително зачувување на меѓународниот систем со Обединетите нации во неговата основа и на меѓународниот поредок заснован на меѓународното право со цел заеднички одговор на глобалните предизвици.
Пекинг, 27 јануари 2026 (МИА) – Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска изјави дека Кина е подготвена да соработува со Финска за решително зачувување на меѓународниот систем со Обединетите нации во неговата основа и на меѓународниот поредок заснован на меѓународното право со цел заеднички одговор на глобалните предизвици.
Шји ова го изјави за време на средбата со финскиот премиер Петери Орпо, кој престојува во официјална посета на Кина.
Кинескиот лидер нагласи дека Пекинг сака да работи со Финска на промовирање праведен и уреден мултиполарен свет, како и на универзално корисна и инклузивна економска глобализација.
- Кина и Европа се партнери, а не ривали - изјави Шји за време на средбата со Орпо.
Тој додаде дека двете земји треба да го продлабочат заемно корисното партнерство во области како енергетската транзиција, циркуларната економија, земјоделството и шумарството, како и научните и технолошките иновации, притоа повикувајќи ги финските компании поактивно да влезат на кинескиот пазар за да ја зајакнат својата глобална конкурентност.
Посочувајќи дека оваа година го означува почетокот на 15-тиот петгодишен план на Кина, Шји вети дека земјата ќе продолжи со развој на економијата со висок квалитет и со отворање кон светот според високи стандарди.
Од своја страна, финскиот премиер Орпо изјави дека Кина и претседателот Шји Џјинпинг можат да придонесат за запирање на војната на Русија во Украина доколку извршат влијание врз рускиот претседател Владимир Путин и ја ограничат соработката со него. ссм/
фото: ДПА