• петок, 05 декември 2025

Шукова: Холистички пристап со одржливост, иновација и инклузивност во идниот развој на градот Скопје

Шукова: Холистички пристап со одржливост, иновација и инклузивност во идниот развој на градот Скопје

Скопје, 16 октомври 2025 (МИА) – Одржливиот развој ќе биде основниот постулат врз кој ќе се генерира новиот урбанистички план за Скопје, преку инклузивен раст, отпорна инфраструктура, достапни јавни простори, ефикасен транспорт и партиципативно планирање. Тоа го истакна Каја Шукова, кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ и Коалицијата, презентираќи ја визијата за урбаниот развој на градот наредните години.

Шукова во обраќањето до граѓаните на денешна прес-конференција посочи дека стратешката определба во нејзината програма за Скопје е да се обезбеди хумани услови за живеење, одржливо користење на просторот, зголемување на неговата вредност и зајакнување на социјалната интеграција на жителите на градот.

Таа посочи дека проблемот со неконтролираната градежна експанзија ќе се надминува со фокусирање на изградба на нови станбени простори северно од реката Вардар, некои од нив во постоечки субстандардни населби.

Решението за надминување на сообраќајните проблеми таа го гледа преку промена на приоритетите, со ставање на пешаците и велосипедистите во преден план и тоа со проектирање нови сообраќајници, булевари во северниот дел на градот со што ќе се растерети централното градско јадро што би се трансформирало во пешачка зона.

- Еден од стратешките цели ни е создавање безбедна и конфорна зона за велосипедистите. Велосипедските патеки мора да бидат составен дел од секоја реконструкција или изградба на нов булевар, рече таа.

За центарот на Скопје визијата на Шукова е пешачки град, каде центарот ќе биде мрежа на улици без автомобили, град ориентиран кон луѓето со живи јавни простори.

- Сите локации окупирани од автомобили да мора да бидат трансформирани во слободни јавни простори и пешачки зони, посочи таа.

По однос зелените површини како основа за подобар живот, Шукова рече дека Градот Скопје мора да работи на развој на нови плански паркови, ново јавно зеленило и доопремиување на постојните.

- Петнаесет нови паркови за 15 месеци, ботаничка градина кај ЈП „Паркови и зеленило“, целосно пошумивање на ободниот простор под Водно и допремување на пешачката и велосипедската патека долж Вардар, рече таа.

Визијата за урбан развој на Скопје ќе се базира врз принципи на одржливост, инклузивност, отпорност кон климатските промени и паметни технолошки решенија со цел квалитетн и здрав животен стандард за сите.

- Крајна цел е градот да биде креативно  отпорно и квалитетно место за живеење, со јасна визија за подобрување на поединечниот и колективниот квалитет на живот, истовремено намалувајќи го еколошкиот отпечаток и стимулирајќи го здравјето и благосостојбата, рече Шукова пред медиумите. аб/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан