• недела, 02 март 2025

Шукова: Државата се гуши во отпад, наместо нов увоз треба да се реши проблемот дома

Шукова: Државата се гуши во отпад, наместо нов увоз треба да се реши проблемот дома

Скопје, 2 март 2025 (МИА) - Државата се гуши во сопствениот отпад, општинските депонии се нестандардни, системите за регионално управување со отпад не се воспоставуваат, а диви депонии никнуваат секој ден се повеќе. Владата и општините треба да ги засукаат ракавите и да се зафатат сериозно со намалувањето на количините на отпад кои ги депонираме, да почнат со воспоставување на селекција која ќе обезбеди доволни количини на отпад за преработка, рече денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, во одговор на новинарско прашање.

-Во услови кога Македонија не успева соодветно да го организира и да управува со отпадот кој што се создава дома, кога на секое ќоше никнува нова дива депонија, кога општините не се кадарни да воспостават системи за селекција и рециклирање на отпадот, кога сите показатели покажуваат дека сме лидери во загадувањето и се зголемува бројот на заболени и смртност кај населението, при реформа на инспекцискиот систем која им ја одзема независноста на инспекторатите, се поставува прашањето дали бизнис интересите се поважни од животната средина и нашите граѓани, додаде Шукова.

Таа појасни дека не е прашањето дали станува збор за отпад од тн зелена листа, и дали истиот би се увезувал како суровина, станува збор за неисполнети услови во државата за управување и сериозна контрола на отпадот.

-Не е прашањето дали станува збор за отпад од тн зелена листа, и дали истиот би се увезувал како суровина, станува збор за неисполнети услови во државата за управување и сериозна контрола на отпадот. Дали во моментов можеме да покажеме еколошко управувано рециклирање? Наместо изразување на намера да увезуваме отпад, владата и општините треба да ги засукаат ракавите и да се зафатат сериозно со намалувањето на количините на отпад кои ги депонираме, да започнат со воспоставување на селекција која ќе обезбеди доволни количини на отпад за преработка, посочи Шукова.

Како што минатата недела објави Дојче Веле, Северна Македонија е меѓу 24 земји кои ја информирале ЕУ дека сакаат да прифатат отпадни материјали. ЕК ќе одлучува дали земјата има капацитет да управува со овој отпад на еколошки здрав начин.

Северна Македонија бара да увезува осумнаесет типови на отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија. Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и  маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло. Целосната листа неодамна ја објави Министерството за животна средина, информирајќи дека таа ќе биде доставена до Европската комисија. бт/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан