• понеделник, 23 декември 2024

Што се знае за објавените американски тајни документи?

Што се знае за објавените американски тајни документи?

13 април 2023

Дојче Веле 

Завладеа голема нервоза поради фактот што во јавноста протекоа тајни американски документи за руската инвазија на Украина. Што точно беше објавено? И какви се последиците за САД, Украина, Русија...?

Наводни тајни документи од Вашингтон за рускиот напад врз Украина со недели кружат на социјалните мрежи. Медиумите со денови објавуваат детали, а не објавуваат документи. Новите документи продолжуваат да се појавуваат на интернет. Не е јасно кој прв ги објавил на проруските канали. Се наметнуваат следниве прашања:

Што всушност е објавено?

Според извештаите на американските медиуми, објавените документи содржат информации за испораките на американско оружје за Украина и податоци за потрошувачката на муниција.

Постојат и мапи со линијата на фронтот, со позициите на руските и украинските единици и нивната сила. Информативниот портал „Политико“ тврди дека дел од тие документи се од февруари и март.

Освен тоа, документите содржат информации за тоа како НАТО и САД ја подготвуваат и вооружуваат Украина за пролетната офанзива. Има и закажани датуми, број и тип на планирани испораки на оружје.

„Вашингтон пост“ тврди дека во објавената документација станало збор и за други земји како Кина и Израел. Покрај тоа, може да се стекне увид во американските методи за добивање информации, како и кои извори ги користеле Американците.

„Волстрит журнал“ наведува дека документите очигледно потекнуваат од разни американски тајни служби или дури и од врховната команда на американските вооружени сили кои биле користени за брифинг.

Дали документите се автентични?

 Си-Ен-Ен објави дека американската влада ја потврдила автентичноста на објавените документи. Медиумите велат дека Пентагон и Министерството за правда го истражуваат случајот. „Политико“ пренесува дека висок функционер на администрацијата изјавил дека претседателот Бајден е загрижен за количината на документи што станале јавни.

Крис Мигер од Пентагон во понеделникот изјави дека протекувањето информации на Интернет претставува „многу сериозен“ ризик за националната безбедност.

Министерот за одбрана Лојд Остин ги контактираше сојузниците и работеше на проценка на истекувањето веднаш штом дозна за тоа во четвртокот, рече Мигер. Додека Министерството за одбрана сè уште ја проценува валидноста на фотографираните документи кои кружат на Интернет, „се чини дека тие содржат чувствителен и високо доверлив материјал“, рече во неделата Сабрина Синг од Пентагон.

Кој стои зад објавените документи?

Засега не е јасно кој стои зад објавувањето на тајните документи. „Кртот“ сега трескавично се бара. Си-Ен-Ен се повикува на информации од владини извори кои велат дека истрагата е фокусирана на внатрешниот апарат.

Според изјавата на вработен во Министерството за одбрана, стотици, ако не и илјадници соработници кои поседувале одредено ниво на безбедносен сертификат имале пристап до документите.

Поранешната адвокатка на американското воено воздухопловство изјави дека учеството во објавувањето на вакви документи е едно од најтешките злосторства против националната безбедност на САД.

Какво влијание може да има истекувањето на информации врз воените операции?

Документите би можеле да им наштетат и на Украина и на САД на неколку начини. Димитриј Алперович, претседател на тинк-тенк “Silverado Policy Accelerator”, изјави за „Вашингтон пост“ дека документите иако се стари неколку недели, Москва може да добие вредни информации од нив.

Тој додава дека со нив може да се открие кое западно оружје е веќе на бојното поле, колку украински војници се способни да ги сервисираат и како Украина има намера да се одбрани од руските напади. Дополнително, како што пишува „Њујорк тајмс“, документите покажуваат до кој степен рускиот безбедносен апарат е проникнат со американско разузнавање.

Како реагира Украина?

Украина со денови тврдеше дека документите се фалсификувани од Русија. Михајло Подољак, советник од кабинетот на претседателот, рече дека тоа е „вообичаена игра на тајните служби“.

 

И Си-Ен-Ен цитира извор близок до претседателот, според кој Украина веќе променила некои планови поради протечените документи. Претседателот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексеј Данилов изрази сомнеж во кредибилитетот на изворот на Си-Ен-Ен. Во интервју за првата програма на германската телевизија (АРД), Данилов меѓу другото рече:

„Не знам со кого разговараше Си-Ен-Ен. Во секој случај, можам да кажам дека бројот на луѓе на нашата национална територија кои ги знаат нашите планови е многу ограничен. И не мислам дека информаторот со кој разговараше Си-Ен-Ен е меѓу нив“.

Данилов директно им се обрати на западните партнери: „Тајните служби мора да бидат повнимателни кога се работи за тајни документи“. Тој нагласи дека штабот во последен момент ќе одлучи за почеток на контраофанзивата. „Ако некој мисли дека имаме само една опција, тогаш тоа не одговара на реалноста. Дури и три опции не би биле многу“, вели Данилов.

Сепак, зад кулисите во Киев владее голем гнев поради објавените податоци, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на опкружувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој исто така бил шпиониран.

А реакцијата на Русија?

Русија ги гледа објавените документи како потврда за вмешаноста на Вашингтон во конфликтот во Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот (10 април) рече дека „протечените информации се донекаде интересни“, сега сите ги анализираат. А, пред тоа, во петокот изјави дека се зголемува учеството на САД и НАТО во конфликтот.

Според него, Русија не очекува дека информациите ќе влијаат на водењето на војната и на пресметката на победата. Американскиот институт за проучување на војната (ISW) забележа страв и нервоза кај руските воени блогери по објавувањето на документите.

Што значи сето ова за американските партнери?

Од објавените документи произлегува дека американските тајни служби шпионираат и во редовите на нивните сојузници. Ова може да доведе до несогласувања меѓу сојузниците.

Ројтерс објави дека еден документ зборува за внатрешни дискусии меѓу највисоките јужнокорејски функционери, за американскиот притисок врз Сеул да испрати оружје во Киев и политиката на Јужна Кореја да не го прави тоа. Во понеделникот, канцеларијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол соопшти дека проверката на фактите на објавените документи е приоритет и дека по потврдувањето на деталите, тие ќе ги повикаат САД да преземат „соодветни“ чекори, објави новинската агенција Јонхап.

Покрај тоа, се поставува прашањето колку се безбедни тајните информации што другите земји ги пренесуваат во САД, особено од групата „Five Eyes“ - во која покрај САД се и Велика Британија, Австралија, Канада и Нов Зеланд. паг/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан