Штип за прв пат организира „Кристмас маркет“
- „Кристмас маркет“ годинава за првпат ќе се реализира во Штип, по примерот на големите европски градови, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и водителот, Миро Кацаров.
Штип, 18 ноември 2024 (МИА) - „Кристмас маркет“ годинава за првпат ќе се реализира во Штип, по примерот на големите европски градови, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и водителот, Миро Кацаров.
Манифестацијата „Кристмас маркет“ започнува на 20 декември на шеталиштетот „Ванчо Прќе“, каде ќе биде поставена голема бина, а ќе има и програма со познати музичики имиња. Дедо мраз на најмалите ќе дели пакетчиња, ќе се слушаат познатите новогодишни песни, а повозрасните ќе имаат можност да уживаат со греана ракија и греано вино. Саботата целодневно е резервирана со шоу перформансот за деца, дополнително со аниматори, жонглери и слично. Во недела на шеталиштето ќе помине и петметарски џин робот.
-За првпат во историјата на градот ќе имаме музички хепанинг, ќе имаме „Кристмас маркет“ и сме први во град во внатрешноста од државата. Ова е по примерот на големите европски градови како Будимпешта, Прага, Амстердам и слично. Со ова сакаме луѓето да ги зближиме, вели Кацаров.
Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов рече дека освен „Кристмас маркет“, преновогодишните празници во Штип ќе се дочекаат во пријатна и незаборавна атмосфера, а која ќе започне од 7 декември. Градот ќе биде целосно украсен, на шеталиштето ќе има ѕвездено небо, а програмата ќе заврши со македонска староградска музика.
-Има едни кои велат зошто да се трошат пари за нешто кое е минливо, од друга страна голем процент, вклучувајќи се и јас самиот посакувам мојот град да изгледа европски, модерно и да има соодветен амбиент, изјави Јорданов.
Тој ги повика граѓаните од Штип, од регионот, но и од државата да одвојат дел од своето време и да уживаат во предновогодишна атмосфера. Повеќе од еден милион денари се одвоени од Буџетот на Општина Штип за организација на „Кристмас маркет“. вдј/сст/
Фото: МИА