• понеделник, 23 декември 2024

Штипјани конечно ќе се напијат вода од ХС „Злетовица“

Штипјани конечно ќе се напијат вода од ХС „Злетовица“
Штип, 27 септември 2021 (МИА) - Трет обид штипјани да се напијат вода за пиење од Хидросистемот „Злетовица“, но овој пат инженерите и локалната и централната власт тврдат дека ќе биде успешен. Во моментов се тестира системот, кој доаѓа од зафатот над селото Злетово до Филтер станицата во Штип. Цевководот кој ја носи водата до реконструираната станица е долг над 30 километри. Штипјани конечно водата од ХС „Злетовица“ ќе ја пијат од јануари 2022 година или 11 години по изградбата на најсовремениот систем за водоснабдување во земјава. Во Филтер станицата се инвестираа пет милиони евра, средствата се од Владата и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Водата која доаѓа од браната Кнежево и Злетовска река ќе се преработува според најсовремени стандарди, а во Филтер станица вградена е современа опрема, со озонирање на водата на француски начин. Приклучувањето на Штип на ХС „Злетовица“ ќе значи стабилно водоснабдување, но и во наредните 100 години да се планира и развива градот, како урбанистички, така и со градење на нови фабрики. - Преку цевководот до општина Штип може да се спроведат околу 400 литри во секунда, а капацитетот на оваа филтер станица за ултрафилтрација е околу 300 литри што е сосем доволно за да се задоволат потребите на Штип, што паралелно ќе го користи и досегашниот бунарски систем, вели градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов. Новата филтер станица се изгради откако се утврди дека старата не може да ја прифаќа водата од „Злетовица“ Се гради по седум години откако претходно се преадаптираше и тоа во два наврати. Првиот пат со кредит од половина милион евра и вторпат со словенечки грант во висина од околу 400.000 евра. Директорот на ХС „Злетовица“, Миле Илевски вели дека Штип засега е најблиску до водата од „Злетовица“. - Во штипската Филтер станица почнува тест периодот за тестирање на опремата, обука на вработените, за подесување и калибрирање на самата опрема во однос на квалитетот на нашата вода и се надевам дека наредната година веќе ќе започне реалното користење на водата од ХС „Злетовица“ врз комерцијална основа, вели Илиевски. Владата инвестираше и во општините Карбинци и Лозово. Во малата општина Карбинци изградена е Филтер станицата, поставена е опремата, но сега се чека на изградба на цевководот, кој ќе се протега  од станицата  до населените места. - Со примање на водата од ХС „Злетовица“ се решава водоснабдувањето на осум населени места или 83 проценти од жителите ќе имаат чиста вода за пиење. Од оваа инвестиција граѓаните ќе имаат и економски бенефит, односно цената на водата за пиење во Карбинци драстично ќе се намали, вели градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев. Во Лозово работите одат побавно.  ХС „Злетовица“ е проектиран за водоснабдување на пет општини, засега од него вода пијат само Пробиштип и Свети Николе. ХС „Злетовица“ ги чека фазите за наводнување и производство на електрична енергија Во центарот на Пробиштип, каде што е  споменикот на  Злетовскиот рудар се наоѓа зградата на ХС „Злетовица“. Во неа е сместен  и најсовремениот скада систем, за кој што вработените и инжињерите со гордост говорат дека целиот систем го гледаат на овие монитори, а на кој се гледа браната Кнежево и зафатите, од каде што петте општини треба да се снабдуваат со вода за пиење. Ова е единствениот систем во земјава, кој функционира на ваков современ начин. Цената на водата, што треба да ја плаќаат општините односно комуналните  претпријатија е регулирана од страна на Регулаторната комисија. - Цената на водата е регулирана за оваа година и за наредните две години и секако Штип се вклучува во земање на вода од ХС „Злетовица“ има тренд на опаѓање. Моменталната цена за 2021 е 4,78 денари без ДДВ, со тренд на наламување 4,70 во 2022 и 4,60 во 2023 година, вели Илиевски. Засега со кредит од Јапонија е реализирана првата фаза од проектот. Државата зема  кредит од јапонска „Џајка“ и ги изгради браната Кнежево и цевководите до петте општини. Амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија, Хиронори Савада на пуштањето на реконструираната Филтер станица на течен македонски јазик рече дека е среќен што е во регионот со кого Јапонија силна соработка и пријателство, а докажано преку повеќекратна помош во изминатите години. - Јапонија е силно посветена на поддршката за социјален- економски развој на Северна Македонија, кој е многу важен за интеграциајта во ЕУ. Проектот „Злетовица“ е заем на Северна Македонија од Владата на Јапонија, со цел да оствари стабилно водоснабдување во регионот и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и развој на индустријата, рече Савада. Следните две фази за целосно комплетирање на ХС „Злетовица“ се системот за наводнување и производство на електрична енергија Директорот на ХС „Злетовива“ Илиевски вели дека се чека и официјалниот одговор од Европската инвестициона банка за документацијата, со којашто Владата ќе може да бара средства за реализација на двете фази. Кредитот од првтаа фаза го плаќа државата, но од 2028 година ова државно јавно претпријатие ќе треба да ги сервисира своите обврски кон државата, во буџетот треба да се вратат 81,5 милиони евра. Викторија Димитрова-Јованова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан