• сабота, 13 јули 2024

Штипски „Исар“ почнува со реконструкција на водоводна мрежа на улицата ,,Петар Поп Арсов"

Штипски „Исар“ почнува со реконструкција на водоводна мрежа на улицата ,,Петар Поп Арсов

Штип, 28 јануари 2023 (МИА) - Од понеделник започнува поставувањето на новата водоводна линија на улица „Петар Поп Арсов“ во штипската населба Железничка, најави директорот на ЈП „Исар“ - Штип, Трајан Коцев. Проектот е изготвен, а веќе од почетокот на наредната недела се започнува со работа на терен. Тој истакна дека за оваа година се предвидени доста проекти што треба да се реализираат, но фокусот е ставен на реконструкција на постојните водоводни мрежи во централното градско подрачје, како и изведба на нови во приградските населби. На овој начин, според него, ќе се реши проблемот со секојдневните дефекти и прекинот во водоснабдувањто.

- Проектите се за изградба на нови и реконструкција на постојните водоводни линии. За оваа година предвидовме 16 улици да бидат опфатени од Општина Штип. Реконструкција на постојните водоводни линии ќе бидат реализирани во централното градско подрачје, додека изведба на нови водоводни линии, главно проектите ќе бидат реализирани во периферните делови. Овде ги имаме населбите Железничка, Македонка и населба Баби, изјави Коцев.

Проблем преставува застарената механизација, но Коцев вели дека веќе во планот за јавни набавки за оваа година, предвидено е да се набави нова модерна опрема. На ваков начин, посочи, ќе се решаваат работните активности на претпријатието и ќе им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните.

- Механизацијата е застарена. Последниве години имаме обновени некои камиони што ни служат за исфрлање на сметот, но успеваме да изменаџираме со механизацијата за редовно да се извршуваат нашите обврски. За 2023 година во планот за јавни набавки, имаме предвидено и обновување на механизација, набавка на модерна опрема за поефикасно извршување на нашите работни задачи, рече  Коцев.

Навремено исфрлање на ѓубре и смет, како и дистрибуција на чиста вода за пиење до сите домаќинства во Штип, се исто на врвот на листата приоритетни задачи на ЈП „Исар“ за оваа година. вдј/бд/

Остани поврзан