• недела, 22 декември 2024

Штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ ќе го чекаат заклучокот од инспекцискиот надзор

Штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ ќе го чекаат заклучокот од инспекцискиот надзор

Штип, 4 ноември 2021 (МИА) - Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Штип го чека инспекцискиот надзор од Министерството за локална самоуправа, откако синоќа министерот за локална самоуправа Горан Милевски го најави за општините Штип и Аеродром, за дадените свечени изјави со Република Македонија, а не со уставното име Република Северна Македонија.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов за МИА вели дека од решението на инспекцискиот надозр ќе знаат што понатаму да преземат.

Доколку свечената изјава која ја дадоа 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден советник на Левица се прогласат за невалидни, ништовни, како и изборот на претседателот на Советот на општината, кој е извршен по дадената заклетва, во тој случај, тие ќе се жалат пред Управниот суд. 

Иванов посочи дека ќе го почекаат надзорот, по што ќе се произнесат. Инспекцискиот надзор до претпладневните часови не е пристигнат  во Општина Штип, тврдат од општинските служби.

Советниците на СДСМ кои ја напуштија конститутивната седница се на став дека Уставот е прекршен и заклетвата, како и одлуките по неа се невалидни и тие ќе го чекаат официјалното правно толкување за овој случај. вдј/бт/ 

Остани поврзан