Штипските пожарникари апелираат на чистење на оџаците
- Нема пожари на отворено, но во зимскиот период штипските пожарникари бележат интервенции на објекти, куќи, станови поради запалени оџаци или пожари предизвикани од преоптоварени и дотраени електрични инсталации, нестручно приклучување на електричните уреди.
Штип, 2 февруари 2026 (МИА) – Нема пожари на отворено, но во зимскиот период штипските пожарникари бележат интервенции на објекти, куќи, станови поради запалени оџаци или пожари предизвикани од преоптоварени и дотраени електрични инсталации, нестручно приклучување на електричните уреди.
Командирот на Територијалната противпожарна едница (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов денеска изјави дека најзагрозени се старите објекти со дрвени меѓукатни и кровни конструкции, каде огнот брзо може да се прошири. Граѓаните најчесто реагираат навреме, пријавувајќи го пожарот до Противпожарната единица, а благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, засега се спречени поголеми катастрофи и материјални штети.
-Со самото преоптеретување на електричната инсталација, застрената инсталација, нестручното вклучување на електрчните уреди, имаме запалување на електричните брола. Исто така со нередовното чистење и нередовното одржување на оџаците имаме запалување на самите оџаци. Претежно тоа ни претставува проблем кај старите објекти, каде што немаме плоча меѓу спратовите, имаме конструкција од греди, каде што доаѓа до самозапалување меѓу спратовите и на кровните конструкции. Граѓаните најчесто се јавуваат навреме, а со нашата брза интервенцијата спречуваме да не дојде до поголема катастрофи во објектите, изјави Ренџов.
Тој апелира граѓаните редовно да ги оддржуваат оџаците и да ја проверат инсталацијата, се со цел да не дојде до несакани последици.
-Се додека трае грејната сезона, упатувам апел до граѓаните редовно да ги одржуваат оџаците, рече Ренџов.
Пожарникарите апелираат граѓаните да внимаваат и навремено да ги заштитат домовите со чистење на оџаците и проверка на инсталацијата. вдј/вј/
Фото: МИА